Кривична пријава за струмичанец за обид за убиство на поранешната сопруга

 Кривична пријава за струмичанец за обид за убиство на поранешната сопруга

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 37-годишниот З.П. од Струмица поради основано сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид, во врска со семејно насилство“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 31 јули годинава околу 12:40 часот во угостителски објект во Струмица. Осомничениот со остар предмет ја нападнал својата 34-годишна поранешна сопруга, нанесувајќи ѝ тешка телесна повреда во пределот на лицето.

По нападот З.П. побегнал од местото на настанот, но набргу потоа сам се пријавил во Полициската станица – Струмица. При извршеното алкотестирање, полицијата утврдила присуство на 1,20 промили алкохол во неговиот организам.

Повредената жена, поради сериозноста на повредите, е пренесена во Медицинскиот центар во Штип каде што е задржана на понатамошно болничко лекување.

Од МВР информираат дека осомничениот ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Струмица, кој треба да одлучи за понатамошните мерки. Истрагата на надлежните институции за целосно расчистување на околностите под кои се случил нападот продолжува.

Share via
Copy link