„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Просечната плата во мај 26.390 денари, највисоки платите во ИТ, финансиите и фармацијата
Просечната исплатена плата во мај годинава изнесува 26.390 денари и според објавените податоци на Државниот завод за статистика бележи раст од 4,4 отсто во однос на мај лани. Според објавените податоци, највисоките плати кои, исто така, бележат и најголемо зголемување се однесуваат на дејностите информации и комуникации. Исплатената просечна плата во мај во оваа дејност изнесувала 53.704 денари и забележала раст од 23,7 отсто.
Раст од 12,3 отсто е забележан и кај платите на вработените во образованието, каде просечната плата во мај изнесувала 27.196 денари. Во дејностите на здравствена и социјална заштита, пак, е забележан раст од 8,1 отсто и исплатената просечна плата по вработен изнесува 31.492 денари.
Во финансиската дејност, просечната плата во мај изнесувала 43.731 денар, во административни и помошни услужни дејности – 19.722 денари, во дејноста уметност, забава и рекреација – 20,698 денари, во трговијата – 23.898 денари.
Просечната плата во индустријата во мај изнесувала 29.112 денари, кај услугите – 29.065 денари, кај земјоделските дејности – 21.540 денари, рударство – 35.656 денари, преработувачка индустрија – 21.270 денари.
Просечна плата од 48,280 денари е исплатена во производството на фармацевтски производи, во градежништвото просекот бил 25.062 денари, во транспортот – 24.279 денари
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: информации и комуникации за 15,5 отсто, градежништво за 5,2 отсто и финансиски дејности и дејности на осигурување за 4,6 отсто.
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во мај 2020 година, изнесува 39.398 денари.