fbpx

Заев и Шахпаска: Отворени се 9 нови градинки а до крајот на годината ќе се отворат уште 13 со вкупен капацитет за сместување на 1.384 деца

 Заев и Шахпаска: Отворени се 9 нови градинки а до крајот на годината ќе се отворат уште 13 со вкупен капацитет за сместување на 1.384 деца

Премиерот Зоран Заев придружуван од министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на Општина Босилово Зоран Зимбаков, денеска при посетата на Босилово ја пуштија во употреба градинката „Среќни насмевки“.

Општина Босилово ја доби првата градинка за згрижување и воспитување на децата до 6 годишна возраст. Градинката носи и силно симболично име „Среќни насмевки“ и во неа 55 деца ќе бидат згрижени според најсоодветните стандарди за вршење на оваа дејност.

Градинката „Среќни насмевки“ e изградена и опремена со средства обезбедени од Министерството за труд и социјална политика, во износ од 14,8 милиони денари, и со средства на Општината Босилово во износ од 750.558 денари.

„Со изградбата и реконструкцијата на квалитетна инфраструктура за предучилишно образование ги јакнеме и професионалните компетенции на кадарот во градинките, кој има одговорна задача во процесот на градење на личноста на идните наши генерации. Од почетокот на мандатот на оваа Влада до денеска, отворени се 8 градинки со вкупен капацитет од 551 дете, а до крајот на 2021 година, во план е отворање на уште 13 градинки со вкупен капацитет од 1.384 деца“, истакна Заев.

„Светскиот ден на социјална правда, денеска го одбележуваме со еден убав настан, ја отвораме првата детска градинка во Општина Босилово. Високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика претставува грижата за најмладите, децата,“ истакна министерката Шахпаска.

Таа посочи дека од почетокот на овој мандат градинката во Босилово е деветтата отворена градинка со вкупен капацитет од 606 деца. „До крајот на годината како Министерство за труд и социјална политика, заедно со Владата на Северна Македонија ќе  отвориме уште 13 градинки, во кои ќе бидат згрижени 1.400 деца од предучилишна возраст“, посочи Шахпаска.

Градоначалникот Зимбаков истакна дека овој објект претставува капитален проект кој е од огромна важност за Општина Босилово, а со неговата изградба исполнето е и ветување граѓаните, реализирано со помош на Владата на Република Северна Македонија.

„Денес не импресионира со шаренилото на можности што ги нуди за секое дете. Можности за добро воспитување, дружба, учење, за развивање на емпатија, но и за општествена одговорност кај најмалите, кај оние за кои градиме подобра иднина“, додаде Зимбаков.

Share via
Copy link