fbpx

Божинов: Создаваме нова иднина за Ново Село – Парична помош за секое новороденче, нова развојна индустриска зона, туристички капацитети и поддршка за земјоделците

 Божинов: Создаваме нова иднина за Ново Село – Парична помош за секое новороденче, нова развојна индустриска зона, туристички капацитети и поддршка за земјоделците

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, вечерва на митингот во Ново Село, истакна дека ќе го посвети сето свое знаење и енергична спремност за реализација на гарантираните проекти како парична помош за секое новороденче, нова развојна индустриска зона, туристички капацитети, поддршка за земјоделците, чистење на дивите депонии, реконструирање на спортските капацитети, дежурна служба за здравствена заштита и многу повеќе проекти за сите граѓани.

Нема да можеме да создадеме нова иднина, без да направиме промена, ако не ги препознаеме и поддржиме оние кои работат и умеат да создаваат, од оние кои тоа не го можат и го забораваат својот народ, рече Божинов.

Тој рече дека во залог ја става целата негова иднина, како млад, чесен и работлив човек и излегува пред сограѓаните со чист образ, со проекти кои ќе гарантираат промени.

Божинов ги гарантираше следниве проекти за општина Ново Село:

-Акцент ставам на основните потреби на нашите сограѓани, како водоводи, филтер станици, акумулациски базени за чиста вода за пиење, асфалтирани улици и општина без кал, канализациони системи, и гарантирам  посветеност на проекти кои ќе го подигнат животниот стандард на граѓаните;

-Преку креирање индустриска развојна зона, помеѓу Смолари и Ново Село, гарантираме креирање на  можности за инвестиции во лесна незагадувачка индустрија. Да создадеме  олеснителни услови за инвеститорите за да ги мотивираме да отворат нови работни места за нашите сограѓани и да делат пристојни плати;

-Наша прва задача е нашите Беласица и Огражден, да  ги исчистиме од дивите депонии, а потоа ќе поттикнеме напреден развој на руралниот туризам, преку создавање поволна бизнис клима, да го поттикнеме инвестициониот циклус во овој сегмент, каде ќе мотивираме и наши сограѓани кои се на привремена работа во странство, да инвестираат во родните места, а со тоа да ја потпомогнат локалната економија и развој на општината;

-Преку креирање содржини за уживање во убавините на нашиот регион, со адреналински off-road и мотокрос патеки, туристички капацитети и решенија за посета и рекреација, за развој на планинарскиот дух, гарантирам високо позиционирање на Ново Село на европската туристичка карта.

-Ќе  креираме и поттикнеме услови за развој на спортскиот дух, преку нови и реконструкција на постоечките спортски терени, преку можности за учество во младински клубови и центри за унапредување и развој на новите генерации;

-За нашите земјоделци, ветувам дека  канцеларијата на Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство пак ќе се врати во Општинската зграда во Ново Село, за да вие мои сограѓани, можете полесно да ги остварувате своите права, но и посветено и редовно ќе ставиме акцент на одржување и расчистување на полските патишта и канали, и ќе давам безрезервна поддршка за успешен пласман на вашите производи;

-Обезбедување дежурна служба за да нашите сограѓани, секогаш имаат пристап до навремена здравствена заштита и третман;

-Во нашата програма, предвидуваме и поддршка на клубовите за стари лица и пензионери, а наша задача е да ја прилагодиме општината и услугите на општината, за лицата со физичка попреченост, а со тоа и елиминирање на социјалните бариери за целосен,  независен и интегриран живот во заедницата;

-Важен дел во мојот четиригодишен мандат треба да посветиме на зголемување на наталитетот и мотивирање за истото во нашата општина, затоа предвидена е и еднократна парична помош за секое новородено дете;
-Но, за целокупно достоинствено живеење, потребна ни е соодветна заштита, затоа ќе вложиме напор за противпожарните сили на Општина Ново Село кои треба да се модернизираат и да се скрати времето за интервенција, а со тоа и навремена заштита на населението;

-Гаранција за македонскиот идентиет е негувањето на културата и реконструкцијата на објектите за настани од културата и создавање на нови содржини.

Божинов посочи дека со многу работа општина Ново Село ќе стане современа, дигитална, модерна и напредна општина, општина за сите луѓе.

-Ве повикувам овие денови да ни се придружите, да ги посетите Вашите роднини и пријатели, и да ги потсетиме дека на 17-ти октомври, ќе направиме важен и одлучувачки чекор за општина Ново Село. Со заокружување на бројот 7, започнуваме создавање на нова иднина, порача Божинов од Ново Село.

Share via
Copy link