Двајца гевгеличани уапсени за серија тешки кражби кај браната „Конско“ – со приколка превезувале мебел, радијатори и столарија

 Двајца гевгеличани уапсени за серија тешки кражби кај браната „Конско“ – со приколка превезувале мебел, радијатори и столарија

Полицијата во Гевгелија лиши од слобода двајца 42-годишни жители на градот, осомничени дека во текот на октомври и ноември извршиле повеќе кражби од деловни и монтажни објекти во близина на браната „Конско“. Украдените предмети се пронајдени при претреси и ќе бидат вратени на сопственикот.

Според информациите од СВР Струмица, на 19 ноември 2026 година во ОВР Гевгелија било пријавено дека во атарот на селото Старо Конско, со употреба на физичка сила и погоден алат, биле украдени повеќе предмети, радијатори и делови од столарија од мобилни монтажни објекти во сопственост на правно лице од Гевгелија.

По преземените мерки од страна на полициските службеници, во близина на местото на настанот бил затекнат Н.Д. (42) од Гевгелија, кој со патничко возило со прикачена приколка ги превезувал украдените предмети. Тој веднаш бил лишен од слобода, а по дополнителната истрага уапсен е и неговиот сограѓанин Л.С. (42).

Двајцата се сомничат дека во повеќе наврати во периодот од октомври и ноември 2026 година, од деловни објекти на истото правно лице лоцирани на браната „Конско“, одзеле делови од столарија, мебел, бела техника, радијатори, панели и други предмети.

Врз основа на судски наредби, полицијата извршила претреси на повеќе локации во Гевгелија кои ги користеле осомничените. Притоа, украдените предмети биле пронајдени и одземени, и истите ќе му бидат вратени на оштетениот сопственик.

За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по целосно документирање на настаните против двајцата осомничени ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Фото: илустрација архива

Share via
Copy link