28 пожарникари и 7 против пожарни возила го гаснеа пожарот на патот од Владевци кон Радовиш
Еколошка акција во Босилово „Со пластични шишиња до овошни садници“
Општина Босилово денес започна со реализација на една креативна и интересна кампања насловена како „Еколошка пролет во Босилово!“ Кампањата ќе се реализира во наредните два месеци и ќе опфати повеќе активности и настани, но она што посебно е интересно е тоа што општина Босилово денес ќе врши дистрибуција на овошни садници во замена за пластични шишиња.
„Акцијата ќе се одвива од порта на порта. Ќе го посетиме секој дом и на секој граѓанин ќе му биде понудена можност за замена на пластични садови (ПЕТ пластика) со овошни садници. Целта е да ја намалиме количината на пластичен отпад во општината, но во исто време да испратиме порака до граѓаните дека пластиката има употребна вредност. Пластиката треба да се селектира и да се депонира односно транспортира на соодветно место“ – истакна Ристо Манчев, градоначалник на општина Босилово по повод денешната акција.
Покрај наведената акција, во Босилово веќе извесен период се реализираат активности за чистење на „диви“ депонии, а ќе бидат реализирани и голем број други еколошки активности и тоа:
- Пролетно пошумување на падините на планината Огражден со садници од црн бор (1.000 броја).
- Акција за собирање на отпадна ПЕТ пластика во училиштата и организирање на едукативни предавања за учениците за селекција и рециклирање на отпад
- Собирање на електричен и електронски отпад по населените места.
- Дистрибуција на канти за отпад и вклучување на неколку населени места во системот на организирано собирање на сметот.
- Волонтерски акции за чистење на смет покрај јавни површини, туристички локации и верски објекти
- Набавка на контејнери за одделни фракции на отпад (стакло, ПЕТ пластика и отпадни батерии)
- Рекултивизација на “диви“ депонии,
- Акции за организиран откуп на пластичен отпад
- Хортикултурно уредување на јавни површини, и др.
Од општина Босилово потенцираат дека интересот за оваа акција е голем, и дека голем број на млади волонтери, активисти се вклучуваат во нејзината реализација и нагласуваат дека оваа кампања ќе се организира секоја година, со цел почиста и поздрава животна средина.