fbpx

„Еразмус плус“ програмата-мост за поврзување на младите од Северна Македонија со нивните врсници од Европа

 „Еразмус плус“ програмата-мост  за поврзување на младите од Северна Македонија со нивните врсници од Европа

Од нови искуства и знаење до размена на студенти, практикантски програми и проекти – програмата „Еразмус+“ создава мост помеѓу младите од Македонија и нивните врсници од Европа. Досегашните искуства покажуваат дека оваа програма е одличен начин за младите од различни делови на Европа да се поврзат, да стекнат нови искуства, да развијат вештини и да го зголемат своето меѓународно разбирање.

Со учество во овие активности, тие имаат можност да изградат мрежи и да создадат врски што можат да им помогнат во иднината. Програмата придонесува за развој на личните и професионалните капацитети на учесниците и ги охрабрува во националната соработка и размена на идеи.

Ова го потврдуваат и личните примери на неколку млади луѓе од Струмица  кои биле дел од оваа програма.

Јована Кузмановска учествувала на младинска размена во Романија, кадешто фокусот бил ставен на спортот. Учеството во проектот ѝ овозможило да се запознае со нови култури и да стекне искуства значајни за нејзиниот живот.

-Во текот на целиот проект беа спроведени забавни и иновативни активности кои ми помогнаа да ја постигнам мојата лична цел, да продолжам да се движам напред.  Добив шанса да пробам некои нови спортови за мене како пинг-понг и бадминтон, што никогаш порано не сум ги пробала. Учествувавме и во натпреварувачки игри во паркот, дебати на современи теми околу спортот, лов на богатство и слично. Сите беа навистина пријателски расположени и се погрижија сите да се чувствуваат вклучени. Генерално, проектот беше голем успех благодарение на неверојатниот фасцилитатор и тимот на персоналот. Тоа беше незаборавно искуство кое ќе ми значи многу во иднина, вели Јована

Коста Маџиров веќе два пати бил дел од младинските размени преку програмата „Еразмус+“. Според него, двете патувања му донеле нова и подобра перцепција за животот:

-И двете размени на кои учествував беа неверојатни. Стекнав многу пријатели, научив нови вештини и искусив многу култури. Уживав да патувам низ градовите во Полска, да запознавам нови луѓе и да учествувам во проектот!,вели Маџиров.

Ана Велковска е средношколка. Таа исто така била дел од „Еразмус+“ програмата. За неа, учеството во размената и запознавањето нови луѓе било како да се отвара нов прозорец, особено кога се појавуваат разликите во културата.

-За време на мојот неодамнешен проект, имав можност да се поврзам со поединци од различно потекло. Станав свесна дека нашите тинејџерски години се обликувани од нашите средини и традиции. Иако, можеби, споделуваме слични интереси, начинот на кој живееме и ги доживуваме нашите години на формирање може да биде сосема различен. Ова сознание беше фасцинантно и ја истакна убавината на културната различност. Проектот ни овозможи да научиме за културите на едни со други и поттикна чувство на единство и пријателство што го надмина нашето потекло.“ ни рече Ана

Програмата „Еразмус+“ не само што им овозможува на младите луѓе да се развиваат и учат, туку и придонесува кон создавање на инклузивна средина каде различностите се прифаќаат и ценат. Со учество во програмата, младите добиваат можност да се развиваат на професионален и личен план, додека истовремено промовираат разбирање и соработка меѓу млади луѓе од различни држави и региони со различни култури и традиции.

Програмата „Еразмус+“ веќе пет години е присутна и во работењето на невладината организација НОВУС од Струмица. НОВУС постои од 2013 година со оваа програма  се запознале во 2019 година. Во изминатите пет години, реализирале околу 30 размени, во кои учествувале повеќе од 300 млади од нашата држава. Организацијата продолжува активно да работи на вакви проекти и само во текот на 2024 година веќе реализирала 10 размени.

Инаку, „Еразмус+“ е програма на Европската унија која покрива области како образование, обука, млади и спорт. Таа им нуди на студентите, наставниците, стажантите и претпријатијата можности за студирање, работа, пракса и размена низ цела Европа. Северна Македонија учествува во „Еразмус+“ на ист начин како земјите-членки на ЕУ.

Новата „Еразмус+“ програма за периодот 2021-2027 година има буџет од 26,2 милијарди евра, во споредба со 14,7 милијарди евра за периодот 2014-2020 година. Овој буџет ќе биде дополнет со околу 2,2 милијарди евра од надворешните инструменти на ЕУ. Со зголемените средства, „Еразмус+“ ќе стане поинклузивна, подигитална и позелена. Исто така, ќе го вклучува и сегментот „Discover EU“, кој им нуди на 18-годишниците можност да добијат европска железничка карта за патување, да учат од други култури и да се запознаат со други Европејци.

Текстот го подготвија: Коста Годев, Ана Велковска, Дуле Јанев, Ива Спасова, под менторство на Зоран Ѓоргиев во рамки на проектот “Информирана Локална Заедница: Медиумска Писменост и Етичко Известување според ЕУ стандарди”, кој е поддржан преку програмата за мали грантови на „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансирана од Европската Унија.

Share via
Copy link