fbpx

„Еразмус +“ проектите им ги отвораат европските порти на младите струмичани

 „Еразмус +“ проектите им ги отвораат европските порти на младите струмичани

Во Општина Струмица „Еразмус +“ проектите се реализираат во средните училишта, но и поголем број млади од различни граѓански здруженија ги ползуваат бенефитите и придобивките што ги нудат овие активности. За тоа доволно зборуваат големиот број реализирани проекти од страна на средните училишта и затоа сите корисници на оваа програма се во право кога велат дека „Еразмус +“ проектите им ги отвораат европските порти на младите струмичани, но и на нивните професори и ментори.

Интересно е искуството на Данче Кирова од Здружението ЦИА „НОВУС“, која вели дека тоа за неа било трансформативно за нејзиниот личен и професионален развој.

Присуствував на повеќе од 10 размени, меѓу кои се младински размени, тренинг курсеви и активности за градење партнерства (PBA). Секоја од овие активности ми помогна да стекнам нови вештини, како комуникација и тимска работа, но и да научам за различни култури и пристапи кон решавање на проблеми. Програмата ми отвори многу врати за нови можности и ми овозможи да ги проширам моите професионални мрежи, кои ми се од корист во мојата кариера. Дополнително, преку овие активности научив како да бидам пофлексибилен и иновативен во моето размислување, што ми помогна да се справувам со различни предизвици во професионалниот и личниот живот, вели Кирова.

Додава дека благодарение на програмата имала можност да посети многу држави како Шпанија, Романија, Бугарија, Босна, Албанија, Словенија, Црна Гора, Турција и други.

Богато е искуството на Ана Марија Јованова, студент на Факултетот за медицина при УГД „Гоце Делчев“ во Штип, која шест месеци престојувала во Португалија како дел од програмата „Еразмус +“. Таа учела на Универзитетот „Polytechnic Institute of Leiria“, каде стекнала многу нови знаења.

Таму не само што стекнав нови знаења, туку и навистина ја почувствував суштината на физиотерапијата на терен. Polytechnic Institute of Leiria ми овозможи уникатен пристап до практично искуство, што ми помогна да ја применам теоријата на многу поинаков начин од она што сум го искусила досега. Работењето со пациенти, учењето од искусни професори и разгледувањето на различни методологии во физиотерапијата, ми отворија нови перспективи и ми дадоа поттик за понатамошно усовршување. Она што особено го ценам е можноста да ги споредам образовните системи во Португалија и кај нас. Забележав големи разлики во пристапот кон едукацијата, што ме мотивираше да размислувам за нови начини на развој во мојата струка. Овие разлики не само што ми го збогатија знаењето, туку и ми помогнаа да ги согледам предностите и предизвиците на различни системи. Покрај академскиот и професионалниот аспект, запознав неверојатни луѓе од различни делови на светот, кои ми станаа блиски пријатели. Заедно истражувавме нови култури, јазици, и делевме искуства кои ќе останат со нас засекогаш. Ова искуство во Португалија ме направи посамоуверена, пофлексибилна и поотворена за нови можности. Верувам дека сите овие научени лекции ќе имаат значајно влијание врз мојот понатамошен развој како физиотерапевт и како личност. Ерасмус програмата ми го промени животот на подобро, и со нетрпение очекувам да ги применам овие искуства во мојата иднина, ни го раскажа своето искуство Јованова.

Од трите средни училишта во Струмица, кои реализираат вакави пороекти побаравме информација од СОУ „Јане Сандански“ и Средното училиште „Никола Карев“. И двата средношколски центри имаат со што да се пофалат, а нивните проекти и реализацијата на истите се препознати и пошироко.

Според Зоран Петков, директор на ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ Струмица, во периодот од 2022-2024 година реализирале или се во тек на реализација шест проекти, а други ќе се реализираат во наредниот период.

Тој ги издвои следните проекти:

„Вклучување на европската стручна пракса во македонското средно образование“ (2022 – 2024) завршен проект, кој се реализирал како краткорочни мобилности на ученици од машинската и текстилната струка во Брага, Португалија и Лимасол, Кипар и краткорочна мобилност на наставен кадар во Шкојдиц, Германија.  

Потоа, „Една планета – една дестинација – обновување на еко-системот“ (2023 – 2025), (тековен проект), кој е во партнерство на Северна Македонија, Турција, Грција и Португалија и во рамките на истиот се реализираат физички мобилности кај сите партнери, виртуелни работилници и настани за промоција на целите на истиот.

„Истакнување на европското наследство преку одржлива креативност и циркуларна економија“ (ИНТЕРАКЦИЈА)“ (2023 – 2025), (тековен проект), кој е во партнерство на организации од Северна Македонија, Грција, Кипар, Полска и Литванија, под координација на ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ Струмица и претставува единствен проект во Северна Македонија кој до сега има добиено толкава вредност на грант.

“Математичко образование: откривање нови патеки“ (2023 – 2025), (тековен проект). Тој се реализира во партнерство помеѓу училишта од Северна Македонија, Србија, Турција и Романија (координатор).

„Дигитална гејмификација за спречување климатски промени“ (2024 – 2026), (тековен проект), се реализира како партнерство помеѓу училишта од Северна Македонија, Финска, Турција и Малта (координатор). Во рамките на истиот се реализираат физички мобилности кај сите партнери, виртуелни работилници и настани за промоција на целите на истиот.

„Креирање образовна мрежа за обновливи извори на енергија-водечки иницијативи за зелена и хармонична иднина“ (ЗЕЛЕНА СВЕТЛИНА) (2024 – 2026), (тековен проект), се реализира како партнерство на институции од средното и високото образование од Северна Македонија, Португалија, Грција и Турција, координиран од Универзитетот во Мула, Турција.

Директорот Петков, го најавува и следниот проект „Подобрување на квалитетот на програмите за обука за обновливи извори на енергија (2024 – 2026), кој е партнерство на на образовни и невладини организации од Северна Македонија, Италија, Португалија, Бугарија и Турција (координатор), како и „Циркуларна креативност“, кој ќе се реализира преку партнерство на образовни и стопански организации од Северна Македонија, Австрија, Грција и Бугарија (координатор).

Дополнително, ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ Струмица во април 2024 година беше домаќин на ученици од Франција преку реализација на 14-дневна програма која вклучува учење преку работа во три струмички компании („Автодијагностика“, „АБ Новоселски“ и „Центар за возила Струмица“), а е резултат на соработката на ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица со АФОРПА групацијата на стручни училишта од Париз, Франција, чија основна дејност е стручно образование и обука во автомобилската индустрија. Таквата соработка меѓу двете институции е воспоставена 2023 година, преку препознавање на успесите на ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица во реализираните „Еразмус+“ активности во стручното образование и обука, изјави директорот Зоран Петков.

Во учебната 2023/2024 година Средното општинско училиште „Јане Сандански“ почна со реализација на нов Еразмус+ проект, додека останатите успешно завршија минатата учебна година. Станува збор за проектот School for School (Училиште за училиште), финансиран по Програма Еразмус+ од Европската Унија 2020-2027. Носител на проектот е Name Miasto Poznań (ZESPOL SZKOL Z ODDZIALAMI SP), училиште од Полска, а останати партнери се училишта од Шпанија, Италија и нашето, вкупно 4 партнери.

Директорката на училиштето, Невенка Стојанова, ни посочи дека Првата мобилност била во Монополи – Италија, каде се заокружиле активностите од првиот дел т.н. „Различни, но исти“, со цел прифаќање на различностите и запознавање на сопствениот потенцијал.

Домаќин беше училиштето IC “Vito Intini”, каде учениците беа сместени во италијански семејства и активно инволвирани во наставата со своите домаќини. Освен тоа, учествуваа и на различни активности како работилница за толеранција, таико изведба, уметничка лабораторија, изработка на паста, мулти-културна вечер. Наставниците Софија Тошева и Елизабета Витанова имаа прилика да држат часови на италијанските ученици и да разменат искуства со колегите. Во октомври нашето училиште ќе биде домаќин на втората мобилност, со гости од Полска, Италија и Шпанија. Во октомври 2023, нашето училиште беше домаќин на две колешки од Латвија, кои ги обучувавме на темите: Онлајн алатки за развој на курсеви (Moodle) и изработка на видеа (Canva). Проектот со рег. бр. 2023-1-LV01-121ADU-000135522 е финансиран од Националната агенција во Латвија, а нашето училиште се јавува како партнер-обучувач, ни изјави директорката Стојанова.

Додава дека во последната учебна година училиштето започна нов проект од областа на 3D печатењето. Името на проектот е ESTEM 3D, координатор е партнер институцијата Novatex Solution од Кипар и другиот партнер е од Грција, Etairia Draseon Epimorfosis од секторот за Образование на грчкото министерство.

Преку овој проект нашето училиште ќе се вклучи во технологијата на 3Д печатењето, кое може да се имплицира како примена во повеќе наставни предмети. Преку проектот се предвидени и купување на 3Д печатачи и материјали за работа со нив. Предвидени се изработка на курсеви кои ќе бидат достапни преку соодветна платформа и до наставниците и до учениците.

Првата мобилност беше реализирана од 15 до 17 август, во Ларнака, Кипар.  Претставници од нашето училиште беа Директорката Невенка Стојанова и професорките Софија Тошева и Елизабета Витанова.

На состанокот беа прецизирани деталите за текот на проектот. Домаќините ги претставија типовите печатачи кои треба да се обезбедат, и демонстрираа практични изработки. Во проектот е планирано да се вклучат повеќе наставници од нашето училиште кои поседуваат дигитални вештини, а исто така ќе се вклучат и сите заинтересирани ученици. Проектот е двегодишен и треба да трае до Септември 2025 година. Координатор на проектот е професорката Елизабета Витанова, вели Стојанова.

Во април 2024 година заврши реализацијата на проектот STEMBOT. Тоа беше проект во траење од 30 месеци, во кој „Јане Сандански“ беше партнер а координатор беше институт од Франција. Станува збор за мошне интересен и креативен проект, кој го поттикна интересот не само кај учениците за развивање на активности од СТЕМ областа туку и пошироко.

Текстот го подготвија: Соња Појразовска, Катја Маглешева,Зорица Спасова

Под менторство на Веле Појразовски во рамки на проектот “Информирана Локална Заедница: Медиумска Писменост и Етичко Известување според ЕУ стандарди”, кој е поддржан преку програмата за мали грантови на „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансирана од Европската Унија.

Share via
Copy link