fbpx

Костадинов од Куклиш:Целосна реконструкција на Домот на културата

 Костадинов од Куклиш:Целосна реконструкција на Домот на културата

Интегрален текст од прес конференцијата на Костадин Костадинов, кандидат за градоначалник на Струмица од СДСМ

Почитувани сограѓани од Куклиш, Почитувани Струмичани!
Денес сме тука, во центарот на Куклиш, на локација пред Домот на културата. А тоа не е случајно!
Културата и развојот на едно општество одат едно со друго. Се надополнуваат и се надоврзуваат.
Куклиш е едно од најголемите населени места во струмичкото поле, во кое живеат жители – вредни и работливи домаќини кои се надалеку познати по земјоделските производи. Луѓето во Куклиш имаат златни раце и знаат како се негува и како се создава. За некого можеби земјоделието и културата не одат заедно, но куклишани од секогаш знаеле да покажат и докажат на свој, специфичен начин како е овој спој успешен и негуван, со генерации.
Доказ за ова е нивната гордост: Културно – уметничкото друштво „Браќа Минкови“ кое идната година ќе одбележи нескромен јубилеј – 50 години од постоењето. Членовите на ова друштво имаат успешни настапи во земјата и странство, промовирајќи го македонскиот фолклор и специфичностите на народното творештво од струмичкото поднебје. Тие се навистина одличен пример како се сака Струмица.
Да, ова е показател дека жителите на Куклиш знаат нешто повеќе од земјоделието. Знаат како се создава и негува културата. Знаат како преку културата да покажат кои сме и што сме!

Матицата за културно издигнување и центарот на сите културно – забавни активности во Куклиш е зградата пред која стоиме денес ‐ Домот на Културата. За жал, во 2013 година Домот беше опожарен и оштетен.
Затоа сме денес тука, да покажеме дека знаеме како да дадеме поддршка за напредок и развој.
Во нашата програма, како капитална инвестиција е испланирана целосна реконструкција на Домот на културата, тука во Куклиш. За таа цел, досега е подготвена комплетна техничка документација и постои одобрение за градба. Сега, ред е проектот да биде реализиран.
Според проектната програма во објектите се предвидени следните содржини: сала за приредби и претстави со сцена и гардероби за изведувачи, библиотека со читална, две простории за културно уметнички друштва, две канцеларии за вработените, клуб на пензионери, канцеларија на Месната заедница, кафетерија, санитарни простории и технички простории.
Како што може да се види, концепцијата за Домот на Културата е по реконструкцијата овој објект да стане мулти‐функционален простор кој ќе го користат сите возрасти од Куклиш.

Но, за Куклиш денес имаме да најавиме уште еден голем инфраструктурен проект. Имено, во делот на зоната околу Домот на Културата и објектите кои се во непосредната околина планираме надополнување на постоечките зелени површини и дополна со нови, се во форма на парковско уредување. Конкретно, на целата површина предвидено е уредување на инфраструктурата со пешачки патеки и поставување соодветна, урбана опрема.
Почитувани сограѓани од Куклиш, денес сме тука со вас, меѓу вас да се видиме и да се слушнеме. Преку разговор, заеднички да ги споделиме сите нешта кои се важни за вас и за вашето место. Токму затоа, ја користам оваа прилика да го најавам вечерашниот собир, тука во Куклиш и јавно да ве повикам да сте присутни во што поголем број.
Нашата мисија е јасна – да ве сослушаме, да изнајдеме решение и да ви служиме. Затоа што само така, од срце се работи за Куклиш и се сака Струмица.

Share via
Copy link