Крос-трката „Мое Дабиле“ го возобнови празничниот дух во Дабиле за празникот Св. Троица
Крос-трката „Мое Дабиле“ го возобнови празничниот дух во Дабиле за празникот Св. Троица

Вчера, на 31 мај 2026 година, по повод големиот христијански празник Св. Троица (Духовден), во селото Дабиле се одржа првото издание на крос-трката „Мое Дабиле-Св.Троица 2026“, во организација на новоформираното Здружение на граѓани „Мое Дабиле“ и со помош на локалните фирми и поединци кои несебично ја помогнаа овој настан.
Настанот помина во одлична атмосфера, со големо учество на најмладите, но и на голем број жители од сите возрасни категории, кои активно учествуваа или ги поддржаа тркачите долж трасата. Особено впечатлив беше моментот кога најмладите учесници, со стартни броеви и насмевки, ја претрчаа својата делница под громогласен аплауз од присутните.

Се одржаа 4 поединечни трки:
– 400 метри за најмалите до 10 години,
– 1000 метри за деца од 10 до 14 години,- 2000 метри за млади од 14 до 18 години и- 4000 метри за над 18 години.
Учеството беше бесплатно, а сите учесници добија бесплатни маици од организаторот.
За трката на најмалите беа поделени медали на сите учесници, а за останатите три категории, беа доделени и парични награди во машка и женска конкуренција Победник на трката на 4000 метри и севкупен победник во генерален пласман е Столе Танчев, кој од организаторот доби и специјална награда Икона Св.Троица по повод истоимениот празник на Дабиле.
Крос-трката „Мое Дабиле“ претставува возобновување на една стара локална традиција поврзана со празникот Св. Троица и е насочена кон поттикнување на спортскиот дух, здрави навики кај децата и младите, како и зајакнување на заедништвото во селото. Задоволството кај учесниците, публиката и организаторите јасно покажува дека оваа манифестација има потенцијал да прерасне во традиционален годишен настан.