Лајонс клубовите со поддршка за храбрите пожарникари
Членовите на Националната асоцијација на Лајонс клубови во Република Северна Македонија, Дистрикт 132, дадоа несебична поддршка во пакети со вода, сок, млеко, кроасани, мини бар енергетска храна и дополнителна парична помош за храбрите јунаци кои се борат со огнените стихии во многу македонски краишта. Речиси секој Лајонс клуб донира согласно своите можности. Според Гувернерката на Дистрикт 132, Весна Пацаноска, клубовите реагирале многу бргу по нејзината иницијатива за помош во опожарените краишта и ја дале својата поддршка со индивидуални донации. „Членовите на Лајонс клубовите даваат лични донации, а клубовите организирано ги уплаќаат на една сметка. Овие пари се дистрибуираат согласно потребите. Исто така, се донираат и пакети со вода, млеко, сок и се што е потребно. Драго ми е што индивидуалците – членови на Лајонс клубовите, сплотено и организирано, дејствуваат во поддршка на нашите борци против огнените стихии кои ја зафатија Македонија. Многу наши членови се одзваа на мојот повик за помош, покажавме сериозна активност со брза реакција, онака како што налагаше итноста на ситуацијата. Горда сум што Лајоните до кажаа дека се хуманитарци и како и секогаш делуваа брзо и донираа од срце”, објаснува Пацаноска. Досега, според Пацаноска, во последните неколку дена се распределени повеќе од 1000 литри млеко, над 3000 кроасани, 1000 шишиња вода, енергетски бар и бејк ролс на противпожарните служби во општина Старо Нагоричане, кумановско, како и во Берово и во Пехчево. Акциите за собирање парични средства и храна за пожарникарите и населението во погодените подрачја и натаму продолжуваат. |