fbpx

Македонските гастроентеролози во глобална акција за борбата со потхранетоста предизвикана од болести

 Македонските гастроентеролози во глобална акција за борбата со потхранетоста предизвикана од болести

Македонското здружение за ентерална и парентерална исхрана се приклучува кон глобалната акција за борба со потхранетост предизвикана од болести, преку потпишување на Декларација со која се признава правото на нутритивна поддршка како посебно човеково право. Декларацијата ја потпиша претседателката на Здружението, проф. д-р Калина Гривчева Старделова на меѓународен конгрес кој во организација на Европското здружение за клиничка исхрана и метаболизам се одржува во Виена. На настанот присуствуваа повеќе од 3.600 учесници, лекари и претставници на здруженија на пациенти, а формална поддршка на Декларацијата дадоа повеќе од 75 лекарски здруженија и организации, како и здруженија на пациенти. Декларацијата има за цел да ја подигне јавната свест и да иницира глобална акција против потхранетоста, предизвикана од различни  заболувања.

„ Потхранетоста или малнутрицијата е честа и многу сериозна состојба кај пациенти кои страдаат од акутни и хронични заболувања. Таа го зголемува ризикот од смртност на пациентите и негативно влијае на квалитетот на нивниот живот. Затоа сметаме дека нутритивната поддршка е клучна за ефикасна превенција и третман на потхранетост и може значително да го подобри исходот од болеста. Декларација го признава правото на артефицијална исхрана, која се дава преку вена или преку сонда, како едно од човековите права и тоа е важен чекор кон обезбедување пристап до оптимална исхрана“, истакна проф. д-р Гривчева Стаределова.

Декларацијата е прв од ваков вид глобален консензус посветени на подигање на свеста за важноста на потхранетоста и истакнување на недостатокот на нутритивна поддршка за луѓето кои страдаат од хронични и акутни заболувања. Виенската декларација поставува заедничка визија и принципи за имплементација на човечкото право на нутритивна поддршка за сите пациенти кои се соочуваат со потхранетост поврзана со болести. Недостаток на пристап до оптимална исхрана го зголемува ризикот од коморбидитети и морталитет кај пациентите кои страдаат од хронични заболувања. Исто така, може да доведе и до продолжен престој во болница, зголемување на трошоците за лекување и создавање притисок врз веќе оптоварениот здравствен систем.

На конгресот присуствуваа и свои пораки испратија високи претставници на сите европски релевантни лекарските здруженија, претставници на Европската комисија како и на Светската здравствена организација.

Share via
Copy link