fbpx

МТСП: ВМРО-ДПМНЕ злоупотребува деца за политички цели-извршен вонреден инспекциски надзор во градинката во Гевгелија

 МТСП: ВМРО-ДПМНЕ злоупотребува деца за политички цели-извршен вонреден инспекциски надзор во градинката во Гевгелија

Министерството за труд и социјална политика ја известува јавноста дека во врска со случајот на „претепано 10 месечно дете во градинка во Гевгелија“ како што тоа беше пренесено од медиумите, а изјавено од член на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во рамките на своите надлежности спроведе вонреден инспекциски надзор, соопштија денеска од ова министерство.

Од страна на инспекторите на терен, а согласно дадените изјави на негователките во групата на деца каде што е посочен немилиот настан,  детето се стекнало со гребнатинки при пад во игра со останатите деца. Гребнатините веднаш биле санирани од негователките, а детето продолжило со вообичаените активности, како и сите деца во групата. Мајката била известена за настанот при преземањето на детето од установата, со оглед на проценката на негователките од нивната досегашна пракса дека се работи само за гребнатинки. Директорката на установата била известена за настанот, од страна на негователките истиот ден. При увид во листата за евиденција на присутни деца, детето од следниот ден не ја посетува градинката, од причина што по претходна најава кај негователките од страна на родителите отпатувало со мајката во странство.

Директорката на Јавната општинска установа за деца- детска градинка ДЕТСКА РАДОСТ –Гевгелија, поднела предлог за поведување на дисциплинска постапка против негователките и донела Решение за формирање на комисија за утврдување на повреда на работната дисциплина.

При вонредниот инспекциски надзор е утврдено дека директорот на Јавната  општинска  установа за деца- детска  градинка ДЕТСКА  РАДОСТ –Гевгелија, постапил согласно одредбите од Законот за заштита на децата.

Министерството за труд и социјална политика остро ги демантира изјавите на член на политичката партија на ВМРО-ДПМНЕ дека се работи за „брутално претепано дете“ и силно укажува на тоа дека децата не смеат да се користат и злоупотребуваат за политички цели. А ширењето на страв, манипулација и чувства на вознемиреност и несигурност кај граѓаните се познат начин на делување на ВМРО-ДМНЕ.

Имено и Градоначалникот и Советот на Општина Гевгелија кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, во делокруг на своите законски обврски како основач на установата, во неколку наврати го прекршија Законот за заштита на децата, заземајќи ставови и носејќи одлуки спротивни на законот и интересите на граѓаните, а спроведување на законот е нивна законска обврска, утврдено од инспекциските служби.

Поради тоа, Министерството за труд и социјална политика, како надлежно за областа заштита на децата, преку вршење на инспекциски надзор неколкупати даде укажувања за постапување во рамки на законот на  на Градоначалникот на Општина Гевгелија  и на  Советот на Општина Гевгелија со оглед на фактот дека беа констатирани материјални и процедурални недостатоци во нивната работата и кршење на одредбите од Законот за заштита на децата.

Поради непостапување на градоначалникот на Општина Гевгелија и Советот на општината, по дадените укажувања Министерството за труд и социјална политика согласно закон на Градоначалникот на Општина Гевгелија и Советот на општина Гевгелија им одзема надлежности поврзани со донесување на одлуки од нивна страна во делот на детската заштита и непречено одвивање на процесот згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст во ЈОУДГ Детска Радост Гевгелија, меѓу кои и одземената надлежност за избор на директор, за кој Градоначалникот на Општина Гевгелија не изврши избор по претходно законски спроведена процедура во определениот законски рок. Напоменуваме дека директорот на установата од страна на Министерството за труд и социјална политика е именуван согласно одредбите од Законот за заштита на децата.

Заложбите на Министерството за труд и социјална политика отсекогаш биле и ќе останат приоритет за обезбедување на безбедни услови за згрижување на децата во предучилишните установи.

Share via
Copy link