Објавено најновото истражување во рамки на проектот „Заштита од корупција“
Центарот за граѓански комуникации во рамки на проектот „Заштита од корупција“ го објави новото истражување кое се однесува за буџетската ставка 463 на општините.
Истражувањето покажа дека преку буџетската ставка 463 – наречена „Трансфери до невладини организации“ во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра.
Поконкретно, истражувањето ги покажа следниве клучни наоди:
- Здруженијата на граѓани и фондации не ја добиваат доволната финансиска поддршка од општинските буџети. Во просек, општините во 2022 година доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.
- Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери на невладини организации се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на локално ниво е поголема од реалното.
- Просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови шест ипол пати повеќе, односно просечно по 488 илјади денари.
- Најголем дел од парите што се доделени за НВО се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина. Речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.
- Јавните повици за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините. Но, во нив, најчесто, не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите.
- Поголем дел од општините не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. А, не се бара од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите. Со овој пристап општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.
Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година. Проектот се спроведува во 8 општини во државата: Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип.
Истражувањето на македонски, и на англиски јазик можете да го преземете на следните линкови: https://ccc.org.mk/images/troskimk.pdf https://ccc.org.mk/images/trifles.pdf