fbpx

Oд 1 октомври недела станува неработен ден

 Oд 1 октомври недела станува неработен ден

На денешната седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлог-законот за недела – ден на неделен одмор и утврдениот текст на овој Закон ќе биде испратен на усвојување до Собранието.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, посочи дека ова законско решение е исполнување на ветувањето пред граѓаните коешто Владата го стави како приоритет во својата програма, а  на кое му претходеа широки консултации и анализи со синдикатите и работодавачите.

„Недела станува ден на неделен одмор и со тоа правиме уште еден исчекор кон унапредување на работничките права и социјалната правда, и ја продолжуваме грижата и поддршката за работниците како приоритет на оваа владина коалиција. Во фокусот на нашето внимание беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, како неопходен елемент во животот на работникот. Оваа рамнотежа придонесува работникот да биде поефикасен и мотивиран на работното место, а од друга страна да има и приватен живот – семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на неговите блиски“, истакна премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Владата на Република Северна Македонија по усвојувањето на Предлог-законот за недела-ден на неделен одмор.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, посочи дека Законот предвидува недела да биде ден на неделен одмор  за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат. Но и за овие работници ова законско решение значи напредување на работничките права.

„Овие работници  за работа во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 проценти од редовната дневница. Дополнително, ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена. Имплементацијата на Законот ќе биде контролирана од страна на Државниот инспекторат за труд“, подвлече министерката Шахпаска.

Таа информираше дека оние работодавачи кои ќе работат во недела, работењето треба да го пријават во Државниот инспекторат за труд, како надлежен орган за контрола на примената на законот.

„Работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена и  им се издава прекршочен платен налог. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените“, рече министерката Шахпаска.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, посочи дека измените во Законот за работни односи налагаат и измени и дополнување на Законот за трговија, со цел  создавање законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела и на празници и се елиминираат можните злоупотреби во однос обезбедување на користењето на ова право.

При тоа како и во Законот за работни односи, така и во Законот за трговија се определува неделата како неработен ден за сите, освен за одделните исклучоци за кои ќе биде дозволено работењето во недела и на празници.
Со предлог законот се предвидени следните исклучоци за кои се предлага да се дозволи да работат во недела и на празник :
-специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност;
-продавниците на бензински станици во чии рамки се врши  трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун;
-продавниците, киосците и штандовите во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 10.000 м2;
-штандовите и киосците каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела и;
-продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата.

Министерот Бектеши истакна дека со Предлог-законот за трговија, предвидено е додатокот на плата за работа во недела и на празници кој работодавачот (трговците) ќе треба да им го исплати на вработените да изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.

Исто така за трговските субјекти кои ќе работат во недела и на празници се утврдува надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во  недела и на празници, средства кои ќе се инвестираат во детски градинки согласно закон.

Законското решение недела–ден на неделен одмор станува реалност. Ова законско решение започнува со имплементација од 1 октомври оваа година.

Share via
Copy link