Одбележан 11 септември – Денот на ослободувањето на Струмица

 Одбележан 11 септември – Денот на ослободувањето на Струмица

Со пригодна програма на Спомен костурницата на паднатите борци од НОАВ, денеска беше одбележан 11 септември – Денот на ослободувањето на Струмица. За значењето на празникот зборуваше Елена Маѓеровска Паликарова заменик градоначалник и член на Советот на општина Струмица.

-Историјата на Струмица е историја на отпор и на вера во правото на слобода. Секое семејство во овој град носи спомен, приказна или сведоштво за тоа време, за болката, но и за радоста на слободата. Нашата задача е овие приказни да не ги заборавиме, туку да ги пренесуваме на младите генерации, за да знаат дека сегашноста што ја живеат е резултат на многу жртви и на многу љубов кон татковината. Секое ново време носи свои предизвици и свои битки. Ние денес сме должни да се бориме со знаење, со труд и со посветеност, за да изградиме современа и развиена Струмица – град на еднакви можности, на економски раст и на културен и општествен напредок. Единаесетти септември е и ден на единство. Ослободувањето на Струмица не би било возможно без заедништвото и слогата на нашите предци. Тоа заедништво треба да го чуваме и денес без разлика на разликите меѓу нас, затоа што сите ние сме дел од истиот град и од истата историја. Само обединети можеме да се соочиме со предизвиците на иднината и да изградиме подобра заедница, рече Паликарова.

По полагањето свежо цвеќе од страна на претставниците на општина Струмица, политичките партии, општинските институции и здруженија на граѓани, се одржа мал митинг на револуционерна поезија од членовите на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица.

Во чест на празникот, вечерва во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде отворена традиционалната изложба на дела од годинашната меѓународна струмичка ликовна колонија.

Share via
Copy link