fbpx

Одбележан патрониот празник на градот-Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици

 Одбележан патрониот празник на градот-Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици

Во рамките на одбележувањето на Денот на заштитниците на градот „Свети 15 Тивериополски Свештеномаченици“ во големата сала на НУЦК „Антон Панов“, а со почитување на сите протоколи за заштита од Ковид – 19, денеска се одржа свечена седница на Советот на општина Струмица.

За значењето на празникот зборуваше градоначалникот, Коста Јаневски.

-За жал, деновиве изостануваат сите препознатливи нишани со кои го одбележуваме овој голем празник, а причините за тоа ги знаеме сите. Пандемијата од Ковид -19, која демне врз светот, не принуди да ги редуцираме најголемиот дел од предвидените содржини со кои достојно сакавме и годинава да ставиме свечен печат на најзначајниот датум за сите струмичани. Па сепак, со одржувањето на свечената седница на Советот на општина Струмица на којашто целосно се почитуваат препораките и протоколите во вакви услови, остануваме верни на традицијата и достојни во љубовта кон Светите 15 Тивериополски свештеномаченици. Струмица е нашето заедничко богатство кое треба заеднички да го чуваме, негуваме и надградуваме. Струмица е нашето наследство и аманет од предците, но и наш завет и оставштина за идните генерации струмичани, рече градоначалникот Јаневски.

На седницата беше прочитана честитката од Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој поради работните обврски не беше во можност да присуствува на истата.

„Да бидеме денес силни, благочестиви и благодарни кон Бога, затоа што го дочекавме овој голем ден. Да бидеме горди, среќни и радосни што повторно вистински ја покажуваме благодарноста кон Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици, заштитниците на наша сакана Струмица, кои не повикуваат да го жнееме родот на љубовта кон возвишените вредности“, стои меѓу другото во честитката.

Општина Струмица и годинава ја додели традиционалната годишна награда и наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици”.

Годишна награда добија Панче Николов за особен придонес во областа на крводарителството и хуманоста, Никола Делевски и Димитар Џорлев за особен придонес во областа на образованието и науката.

Наградата за животно дело ја доби ликовниот уметник и педагог Ниче Василев за особен придонес во областа на уметноста.

На денешната седница, градоначалникот Коста Јаневски им додели специјални признанија на ЈЗУ „Општа болница Струмица“, ЈЗУ„Здравствен дом“, Центарот за јавно здравје – Струмица и Општинската организација на Црвен крст за особен придонес во борбата против пандемијата од Ковид – 19.

Share via
Copy link