„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Одбележана 79-годишнината од убиството на Благој Јанков Мучето
Општина Струмица денеска ја одбележа 79-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков Мучето. Пред спомен обележјето во големиот градски парк се одржа пригодна свеченост на која беше положено свежо цвеќе, а за животот и делото на Мучето говореше Ице Беличев член на Советот на општина Струмица.
-На денешен ден во таа веќе далечна 1944 година, Македонија и Струмица останаа посиромашни за еден великан, за еден вљубеник во својата родна грутка, за еден редок борец кој повеќе од се ја сакаше слободата. Станува збор за нашиот сограѓанин, за гордоста на Струмица – Народниот херој Благој Јанков – Мучето. Од тој 14 јули 1944 година поминаа цели 79 години. но и по безмалку осум децении од неговото предавство и убиство Благој Мучето останува наш голем непребол. Таа болка е уште поголема ако си спомнеме дека Мучето го делеа само 19 денови од Првото заседание на АСНОМ и помалку од два месеца до конечното ослободување на Струмица. За жал, непријателскиот фашистички куршум ги спречи неговите соништа да се престорат во скорешно јаве. Да не се случеше тој 14 јули, Благој Јанков ќе беше делегат-Асномец на вториот македонскиот Илинден, а потоа ќе му се израдуваше и на првото струмичко слободарско сонце. За жал, судбината сакаше, тие два толку важни настана, да битат блиски, а за него толку далечни и недоживеани.На 11. Октомври 1951 година, седум години по неговата смрт, Мучето бил прогласен за Народен херој. Со години и децении неговото име останува да биде синоним на непокорот, слободарскиот дух и љубовта кон родната грутка. За таквите луѓе каков што беше Мучето, заборав не смее да има. Тој беше, останува и ќе биде струмичка и македонска гордост, а ние – сегашните генерации струмичани, вечно сме му благодарни за неговиот влог во слободата која ни е оставена како непроценлив дар, рече Беличев.
Во чест на народниот херој се читаше и револуционерна поезија од членовите на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“.
Цвеќе беше положено и пред спомен бистата во малиот градски парк.