Утре во Струмица панел дискусија за добивање на месечен надоместок за родител на лице со попреченост
Откупната награда на „Транзен“ за ликовниот уметник Владимир Илиевски
На третата изложба „Несовршен простор“, на која темата е „Автопортретот во самоизолација“, откупната награда ја добива ликовниот уметник Владимир Илиевски со делото „Автопортрет со був“, соопштија од Здружението за култура „Транзен“ од струмица.
Наградата како и секоја година е симболична статуетка „Златен лист“ во чест на професорот Владимир Георгиевски и парична, во износ од 30 000 денари.
Жирито и селектор на овогодинешната изложба е ликовниот уметник Урош Велковиќ. Во резимето, за награденото дело Велковиќ запиша:
„Првично, гледајќи ги сите дела, знаев дека ова ќе биде тежок избор за мене лично, затоа што технички и идејно сите дела беа на високо ниво. Но, по основ на тоа дека се бараше приказната од самоизолацијата, знаев дека делото не треба да биде обичен авто-портрет, или селфи во класична смисла на зборот. Пронајдов приказна во неколку од делата. Најсилна приказна за мене (а и секако технички супериорно издржано дело) беше „Автопортретот со був“ на Владимир Илиевски. Делото привлекува да се гледа и анализира. Симболиката во делото на Илиевски е фасцинантна. Авторот држи був во рацете, кое е ноќно животно, симбол кој ми укажува на многу неспиени ноќи низ карантинските денови во изолација, и секако работа и посветеност врз себеси. Во тие тивки вечери, се случува вистинскиот и суштински момент кај уметникот, проследено со задоволства и фрустрации од завршените или незавршени дела“.
Изложбата ќе биде отворена на 22 јули во Струмица во култниот клуб „Нагоре“. На неа ќе бидат претставени шеснаесет автопортрети од шеснаесет автори.
Проектот е финансиски помогнат од Министерството за култура на Македонија во реалзизација на Здружението за култура Транзен.