„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Полицијата со превентивна активност-„Биди подготвен за безбедно патување во зима“
Денеска полициски службеници од Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Струмица на повеќе локации на подрачје на Струмица и околните населени места спроведуваат превентивна активност во рамки на проектот „Биди подготвен за безбедно патување во зима“.
-Сите знаеме дека од 15 ноември започна периодот на задолжително носење зимска опрема во возилата, кој ќе трае до 15 март следната година, па токму поради ова во изминатите денови полициски службеници од Полициските станици на подрачјата на Струмица, Радовиш, Гевгелија и Валандово, на магистралните, регионални и локални патни правци, како и улиците во градовите и населените места на подрачје на секторот, при контрола на возачите ги потсетуваат за оваа нивна обврска. Активноста ја продолжуваме и денеска на повеќе магистрални и регионални патни правци околу Струмица, при што во непосреден разговор со возачите и делење летоци со едукативна содржина ги информираме што се подразбира под зимска опрема, како и за потребата од нивно внимателно возење не само во време на снежни врнежи, туку и во период на ниски температури и појава на голомразица на коловозот. Воедно, возачите ги потсетуваме дека при секое констатирано непостапување по оваа законска обврска, ќе им бидат издавани прекршочни платни налози согласно член 361 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој е пропишана глоба за ваквите прекршоци во висина од 45 евра,изјави портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова.
СВР Струмица апелира до сите возачи да ги почитуваат законските прописи и поставената сообраќајна сигнализација, посебно во зимски услови при замрзнати и влажни коловози да ја намалат брзината на движење и да го прилагодат возењето на условите на патот, да држат безбедно растојание, да избегнуваат нагло запирање или забрзување на возилото, а се со цел нивна безбедност и безбедност на другите учесници во сообраќајот.