Општинарите и граѓаните даруваа крв по повод празникот Свети петнаесет
Се одржа првата форумска сесија од Форумот на заедницата во Општина Струмица во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“
-Вечерва ја одржавме првата форумска сесија од Форумот на заедницата во општина Струмица во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ , финансиран од владата на Шведска, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање . Ми беше задоволството да имам воведно обраќање на сесијата, во кое, покрај моите очекувања и видувања за самиот проект, ги апострофирав и ангажманите кои Општината ги има преземено, а се во функција на справување со загадувањето на воздухот. Воведувањето на целосен електричен јавен превоз како прв на Балканот, проектот „Струмица – паметен вело град“ и отпочнувањето на неговата втора фаза, проширувањето на гасификацијата со нови корисници и нивно субвенционирање, создавањето на енергетски ефикасни училита и градинки, се само дел од она што претставува наш фокус во работењето.Убеден сум дека вклученоста во проектот кој е дел од првата форумска сесија на Форумот на заедницата на општина Струмица, ќе донесе дополнителни бенефити за општината, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Во продолжение интегрално го пренесуваме неговот излагање на вечерашната форумска сесија
Ми претставува задоволство што можам да ве поздравам од мое име и од името на Општина Струмица, и да ви посакам добредојде на првата форумска сесија од форумот на заедницата во општина Струмица. Иако сум сигурен дека сте добро информирани, сакам да истакнам дека во општина Струмица во тек на реализација е проектот „Справување со загадувањето на воздухот “, финансиран од владата на Шведска, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Струмица.
Струмица е една од петте пилот општини, заедно со Кавадарци, Куманово, Гостивар и Струга, во кои проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ ќе има за цел да ги поддржи локалните власти, во насока на откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, идентификување, развој и спроведување соодветни мерки за решавање на проблемите, јакнење на капацитетите, како и подигање на јавната свест.
Со најсовремена опрема и методологија, ќе се идентификуваат изворите на загадувањето на амбиентниот воздух, при што за прв пат, кога било во земјата, се спроведе и мерење на загадувањето на воздухот во затворен простор. Истражувањата кои ќе ги врши Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и лабораторијата „Амбикон“ ќе се спроведат и во неколку училишта и градинки во општините каде што ќе се мери загаденоста не само со ПМ честичките, туку ќе се утврдува и анализира и присуството на епидемиолошки, бактериолошки и органски компоненти.
Паралелно се изврши 12 месечно мерење и на амбиенталниот воздух на отворено за кој е изготвената сеопфатна анализа која ќе биде презентирана на форумот.
Овој проект, меѓу друфгото ќе даде одговор и на прашањето за квалитетот на воздухот, преку мониторингот кој ќе се спроведе, (надворешно и внатрешно) во едно училиште и една градинка во Општина Струмица
Проектот е финансиран од Владата на Шведска, преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) со средства во висина од 2,284,309 американски долари , како и 25.000 долари од UNDP и со дополнителни средства од општините
Обезбедени се средства од 20.000.000 денари за проекти поврзани со загадување на воздухот произлезени од форумот. Половина од нив ги обезбедува општина Струмица, а другата половина UNDP.
Почитувани, загадувањето е проблем на кој ние секојдневно работиме за изнаоѓање соодветна разрешница. Притоа сакам да споменам низа крупни ангажмани на Општина Струмица кои се во функција на зачувување на животната средина, и спречување на загадувањето на воздухот. Ќе почнам од една од последните, би рекол историска активност. Станува збор за непобитниот факт дека Струмица стана првиот град на Балканот кој воведе целосен електричен јавен превоз, со набавка на автобуси, исклучиво на електричен погон. Што значи тоа за градот, општината и граѓаните, во поглед на чистотата на воздухот, мислам дека нема потреба да се дискутира. Истото важи и за проектот „Струмица – паметен вело град“ кој го реализираме со помош на канцеларијата на Европската Унија. Првата фаза од овој проект од 2021 г. е реализирана и ги дава посакуваните резултати. Неодамна ја најавивме и втората фаза која ќе донесе дополнителни 5.5 километри велосипедски патеки, а ќе следува и третата и последна фаза. Овој грандиозен проект ја прави Струмица извонредно привлечна за постоечките велосипедисти, но и овозможува нивниот број да расте се повеќе и повеќе. Вреди да се спомене, дека на тој план, веќе неколку години по ред , Општина Струмица ги субвенционира заинтересираните граѓани за купување велосипед. И кога сето тоа ќе се собере, останува да резимираме: Колку повеќе велосипеди, толку помалку автомобили, толку почист воздух за струмичани. На овие проекти треба да се додаде и непобитниот факт дека Струмица беше и останува првата гасифицирана општина во државава, со што правиме усилби гасот како енергенс да го направиме што подостапен за граѓаните. Па така, покрај субвенционирањето во цената на гасот, целосно го субвенционираме и приклучокот за сите нови корисници. Покрај овие крупни заложби, не помалку значајна е и онаа која се однесува на создавањето енергетски ефикасни училишта и градинки , во кои континуирано се врши промена на столаријата – врати и прозорци, како и промена на фасади. Логиката вели дека помалку потрошената енергија значи помала емисија на гасови, и помало загадување на воздухот.
Згора на сето тоа, бенефитите од проектот за кој вечерва сме овде на оваа прва форумска сесија од Форумот на заедницата на општина Струмица, ќе ни даде дополнителни смерници во справувањето со загадувањето на воздухот.
На сите овде присутни ви посакувам успешна и плодотворна форумска сесија.