Шапов:Општина Богданци навистина има со што да се гордее!!!

 Шапов:Општина Богданци  навистина има со што да се гордее!!!

Декември 2025 година ќе остане запаметен како месец исполнет со културно-уметнички настапи, спортски настани, хуманост и детска радост, објави градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов, воедно честитајќи ги Бадник и Божик.

Ќе го паметиме по новогодишните концерти на КУД „Мегдан“, каде што играорците преку спојот на традицијата и младоста уште еднаш нè потсетија на богатството што го носиме.

Декември ќе го паметиме по полната сала „Млаз“ и јубилејниот концерт на танцовата група „Sweet Dance“, доказ дека талентот и посветеноста секогаш наоѓаат пат до публиката.

Посебна благодарност упатувам до групата хумани граѓани кои го разубавија Градскиот парк и останатите населени места со Дедо Мраз и хероите од цртаните филмови, носејќи насмевки на лицата на сите дечиња и истовремено покажувајќи големо срце преку донација за хуманитарна цел. Голема благодарност и до компанијата „Џоко стил“ од Богданци за донацијата на пакети со храна за бадниковата трпеза на социјално загрозените лица.

Декември ќе го паметиме и по успехот на РК „Младост 1977“, кој есенската полусезона ја заврши како шампион, без ниту еден пораз — уште еден доказ за спортскиот дух и квалитетот што ги има нашата општина.

Со посебна гордост ги истакнуваме и младите фудбалски таленти од ФК „Вардарски“, кои со успешните настапи на бројни турнири и учеството во детската лига на ФФМ покажуваат дека иднината на фудбалот во нашата општина е светла.

Ќе го паметиме декември и по нашиот талент Вања Милосавлевиќ, која учествуваше на собирот на сите ѕвезди на македонската кошарка и која, како дел од Македонската кадетска кошаркарска репрезентација, достојно и со гордост ја претставува нашата општина.

Овој декември ќе го паметиме и по младите, талентирани театарски херои – наши деца, на кои сме особено горди, кои со својата искреност, труд и талент ни ги стопија срцата преку серијата претстави „Новогодишната желба на Снеже“. Посебна благодарност и признание им припаѓа и на уметниците и музичарите од нашата општина, чиј несебичен придонес, креативност и посветеност овозможија оваа претстава успешно да се реализира и да остави силен белег во културниот живот на заедницата, а како шлаг на сето ова – следеше и денешната премиера пред малите екрани.

Сето ова уште еднаш ни покажа колку е важна сплотеноста на граѓаните за доброто на сите. Нашите граѓани, како никогаш досега, се сплотени и обединети околу заеднички вредности, хуманост и љубов кон општината. Токму тоа заедништво е нашата најголема сила и темел за уште поубава иднина за сите нас.

На сите граѓани им посакувам тивка, благословена и мирна Бадникова вечер, исполнета со здравје, љубов и семејна топлина, и среќен и радосен Божиќ, напиша Шапов.

Share via
Copy link