„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Струмица аплицира за европски пари за изградба на новиот парк во „Карпош“
Советот на општина Струмица на денешната седница донесе Одлука за изработка и спроведување на проект со кој општина Струмица ќе аплицира за добивање на неповратни финансиски средства на отворениот повик за инвестициски проекти од Програмскиот приоритет 1 „Позелен пограничен регион“ на програмата Interreg (VI-A) ИПА меѓу Република Бугарија и Република Северна Mакедонија 2021-2027 година.
Проектниот предлог е со наслов „Зелен пулс во прекуграничниот регион“ во кој партнери се општините Струмица и Петрич.
Со овој проект ќе се уредува парк во населбата Карпош со површина од 12.717 метри квадратни кое опфаќа: подготовка на земјата, поставување на систем за наводнување, засадување на садници, поплочување на зони за движење на посетители, уредување на зони за рекреација, инсталација на опрема за декоративно и парково осветлување, поставување на клупи и друга урбана опрема.
Градоначалникот Костадин Костадинов изјави дека Општината се откажува од приходи во прилог на зголемување на зелените површини во градот.
-Очекуваме, нашата администрација како и досега квалитетно да го изработи проектот и можноста е општина Струмица да добие близу 500 илјади евра за новиот парк, кој е и барање на граѓаните од тој дел на градот. Важно е да се знае дека како Општина се откажуваме од близу 3 милиони евра приходи по основ на продажба на градежно земјиште и комуналии, а во насока на позелена и почиста Струмица, рече градоначалникот Костадинов.