Општинарите и граѓаните даруваа крв по повод празникот Свети петнаесет
Струмица домаќин на првиот Донаторски Кружок: Нов модел на филантропија за поддршка на локални иницијативи
Центарот за истражување и анализи НОВУС како локален партнер на организацијата Конект од Скопје, со гордост го најавува првиот Донаторски Кружок во Струмица, настан кој ќе овозможи граѓаните и локалните бизниси да вложат во иницијативи што го подобруваат квалитетот на животот во заедницата. Овој нов концепт на филантропија, успешно спроведуван од Конект во Скопје веќе пета година под ред, има за цел да ја охрабри и мобилизира заедницата да поддржи конкретни проекти со финансиска и морална помош.
Што претставува Донаторскиот Кружок?
Донаторскиот Кружок е настан каде граѓаните, претставници на локални бизниси и други поддржувачи се собираат заедно за да помогнат на три избрани проекти или иницијативи, кои имаат потенцијал за позитивно влијание врз заедницата. Во текот на вечерта, иницијаторите на проектите ќе ги претстават своите идеи, предизвици и потреби, а присутните ќе можат да изберат да ги поддржат финансиски или со други ресурси. Ваквата интеракција нуди уникатна можност за директен контакт и запознавање со проектите, како и за создавање на локални мрежи за поддршка.
Принципи на транспарентност и отчетност
Концептот на Донаторскиот Кружок става голем акцент на транспарентноста – секој донатор по настанот добива детален извештај кој го прикажува начинот на кој се искористени донираните средства. Ова осигурува дека сите донации се наменети за целите за кои се собрани и овозможува донираните средства да имаат максимално влијание врз заедницата.
Зошто НОВУС како организација го организира овој настан?
Како долгорочен поддржувач на младите и препознатлива организација која работи на зајакнување на заедницата и граѓански активизам во Струмица и регионот, НОВУС со задоволство ја проширува својата мисија како локален партнер на Конект преку оваа филантропска иницијатива. Важно е да се истакне дека НОВУС не собира средства за себе, туку делува како посредник, обезбедувајќи платформата и условите за донациите да бидат насочени кон оние организации и индивидуалци на кои им се најпотребни.
Зошто да се вклучите во Донаторскиот Кружок?
Придружувањето на Донаторскиот Кружок е многу повеќе од обична донација – тоа е можност за сите нас да го поддржиме позитивниот развој на нашата заедница и да станеме дел од една силна и солидарна мрежа на граѓани и компании кои се заложуваат за подобра иднина. Настанот ги охрабрува сите кои делат исти вредности да учествуваат во поддршката на значајни проекти, да ги инспирираат другите и да создадат посилно чувство на заедништво.
Како да се пријавите?
Донаторскиот Кружок ќе се одржи на локација и датум што ќе бидат споделени со сите пријавени учесници. Доколку сакате да бидете дел од овој важен настан, пријавете се на следниот линк: https://forms.office.com/e/Em0LUWzyBL. По пријавата, тимот на НОВУС ќе ве контактира и ќе ви испрати официјална покана и агенда за вечерта.