„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
ТРАЈНО РЕШЕН ПРОБЛЕМОТ СО БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА ВО СТРУМИЦА
Врз основаната потреба од постоење на единица за соодветен третман на бездомни кучиња во Струмица и нејзината околина, како резултат на решителноста на општинската администрација и градоначалникот на Општината, денес со работа започнува современиот стационар “Лана“, соопштија од Општина Струмица.
Основна цел на постоењето на Јавното претпријатие за заловување бездомни кучиња “Стационар Лана – Струмица“ е хуман третман и благосостојба на бездомните кучиња со што треба трајно и ефикасно да биде намален нивниот број. Програмата е заснована на методот ”залови – стерилизирај – вакцинирај – вдоми/врати”, која во синергија со методите за едукација, регистрација и подигнување на јавната свест ќе овозможи намалување на бројот на бездомни кучиња. На ваков начин се очекува намалување на ризикот од нарушување на јавното здравје (болести, напади, каснувања) и намалување на загадувањето на животната средина во градот и околината од овие причини.
Стационарот располага со вкупно 58 легла/боксови, каде, оперативно ќе работат: 2 ветеринарни лекари, 3 ветеринарни техничари, 2 заловувачи (со меѓународен сертификат) и 3 одгледувачи (со меѓународен сертификат). Процесот на иницијален третман на околу 500 бездомни кучиња од градот и населените места на Општина Струмица започнува веднаш, а во текот на следните 2-3 месеци, во соработка со Факултетот по Ветеринарна медицина, Сектор за благосостојба и Агенцијата за Храна и Ветеринарство е планирано броење на сите бездомни кучиња во Општината.
Со максимално хумано третирање на бездомните животни, програмата за работа на стационарот вклучува: заловување на животните, транспорт до стационарот, прием и преглед од овластен ветеринар, тест за социјализација, лабораториско испитување за одредени болести, идентификација и водење евиденција (чип и ушна маркичка), овариохистеректомија (стерилизација) и орхиектомија (кастрација), постоперативно сместување, лекување и нега, како и соодветна вакцинација и дехелментизација. По овој процес, секое заловено куче ќе има престој во стационарот до 30 дена – период во кој преку соодветен веб сервис ќе се поттикнува нивно вдомувањето. Во случај кога нема да има интерес, нивното повторно враќање е на локацијата од каде биле заловени. Заради заштита на јавното здравје, многу болните и екстремно агресивните животни ќе бидат подложни на еутаназија, сé согласно законските прописи.
“Со пуштањето во употреба на Стационарот „Лана“ практично почнуваме со решавање на еден од најголемите проблеми на струмичани, а тоа се бездомните кучиња скитници за кои имавме многу несакани ситуации, каснување на луѓе и во неколку случаи на деца. Додека во државата одредени општини декларативно се занимаваат со овој проблем, ние суштински и системски го решаваме и од денес општина Струмица е единствената општина во државата со свој сопствен стационар за бездомни кучиња. Јас ги уверувам граѓаните дека стационарот ќе ги дава посакуваните резултати. Особено ме радува фактот што веќе ги имаме и првите семејства, граѓани коишто сакаат да вдомат кучиња. Упатувам порака дека колку сме со поголема свест во однос на кучињата скитници и сакаме да ги вдомиме, толку помалку ќе имаме и кучиња скитници на улиците. Ако навистина ги сакаме животните, тогаш да им дадеме дом на сите“ – изјави Костадин Костадинов, градоначалник на општина Струмица.
Стационарот, покрај третманот на бездомните животни, во доменот на редовната работа има предвидено и организација на едукативни средби за зголемување на јавната свест и поттикнување на одговорно сопствеништво и вдомување на бездомни кучиња.
Со оперативниот план за работа на Јавното претпријатие за заловување бездомни кучиња “Стационар Лана – Струмица“ во период од 2 години е предвиден целосен третман на целокупниот број бездомни кучиња (заедно со новородените и новодојдените) на територијата на Општина Струмица.