fbpx

Усвоен кварталниот извештај за извршување на буџетот, ГУП се враќа во Советот

 Усвоен кварталниот извештај за извршување на буџетот, ГУП се враќа во Советот

На денешната 30-та седница на Советот на општина Струмица беше усвоен кварталниот извештај за извршување на Буџетот на општина Струмица за третиот квартал од 2023 година.

Потврдувајќи го транспарентното и отчетно работење, во образложението пред советниците градоначалникот Костадин Костадинов рече дека во третиот квартал од 2023 година вкупните приходи во буџетот се реализирани 63 проценти, основниот буџет има реализација 55,40 проценти, наменските дотации 72,50 проценти, самофинансирачките активности 47 проценти и кај донациите реализирани се 48 проценти од планираното. Вкупните оперативни расходи се реализирани со 69,59 проценти, а капиталните расходи се реализирани со 47,12 проценти во однос на планираните во буџетот за 2023 година.

На седницата беа изгласани и предлог – планот на Програмите за развој за 2024 година, програмата за одржување на улици и локални патишта во зимски услови за 2023/2024 година, одлуката за издавање на гаранција за задолжување на ЈПЕД „Струмица – Гас“, решението за формирање на Комисија за селекција на кандидати за управен и надзорен одбор на ЈП „Паркиралишта“ и јавните повици за истите, решенијата за разрешување и именување на член на Комисија за селекција на кандидати за управен одбор и надзорен одбор на ЈСП „Струмица – Транспорт“, за предлагање член во Управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Струмица и за именување на членови во Комисијата за унапредување на правата на пациентите во општина Струмица.

Усвоени се и програмата за работа на Општинската јавна установа – Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“ за 2024 година, извештајот за работата на ЈПЗБК „Стационар – ЛАНА“ за период од 01.01.2023 до 30.09.2023 година, извештај за работата на ЈП „Паркиралишта“ за истиот период и измената на годишниот план за вработување на ООУ „Маршал Тито“ Струмица за 2024 година.

На почетокот на седницата, градоначалникот Костадинов им соопшти на советниците дека ќе даде поголема јавност во носењето на Генералниот урбанистички план , Нацрт планот ќе го врати пак во Советот и ќе побара од советниците поединечно да се изјаснат дали во Струмица треба да има тешка индустрија или дупло зголемување на зелените површини. Ваквата одлука е донесена заради партизацијата на процесот и манипулирањето на граѓаните од страна на советниците на ВМРО ДПМНЕ.

Share via
Copy link