Во Стојаково се одржаа првите Мини Олимписки игри 2026

Вчера, во рамки на ОВЕП програмата поддржана од Олимписка солидарност, успешно се одржаа првите од четирите планирани Мини Олимписки игри 2026 – овојпат во Стојаково, соопштија од Македонскиот олимписки комитет (МОК).

На настанот учествуваа над 150 ученици од Ѓавото, Стојаково и Богданци, кои преку 6 различни игри ги демонстрираа вистинските олимписки вредности – фер плеј, почит и пријателство. Секој учесник си замина со маичка, сертификат и медал, додека најдобрите тројца беа наградени и со трофеи

Настанот беше збогатен со присуство на наставниците кои активно учествуваа во подготовките, директорите на училиштата, како и градоначалникот на Богданци, Блаже Шопов.

Покрај спортската опрема – фудбалски и баскет топки, хулахопи, мали голчиња, конуси, пинг-понг рекети, јаже за прескокнување и маркери за терен – беше донирана и опрема за други училишни предмети како ликовно и музичко образование, како и инвентар за училиштата, со цел преку креативен и интерактивен пристап да се промовираат олимписките вредности.

А учениците? Е тука беше вистинското шоу!Насмевки на сите страни, енергија што не запира и натпреварувачки дух на максимум! Се бодреа, се дружеа, играа до последна секунда и направија атмосфера што се памети. Чисто уживање, многу смеа и моменти што ќе ги раскажуваат уште долго!