Полицијата улови повеќе лица кои вршеле превоз на патници на диво
„Ристо Шишков“ по втор пат за Звездана Ангеловска
Актерката Звездана Ангеловска по втор пат се закити со наградата за најдобро актерско остварување на 29. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој синоќа заврши во Струмица. Таа прв пат ја доби наградата во 2003 година, а на годинашното фестивалско издание по втор пат е наградена за улогата на Таа во претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје.
Одлуката на жирито ја соопшти претседателката Александра Пешевска, која заедно со актерите Благој Чоревски и Петар Мирчевски ја вреднуваа играта на актери од десет претстави од земјава, Бугарија, Србија и Хрватска.
-Звездана Ангеловска својот лик го надградува со користење и на музички средства, во секој миг беше посветена и уверлива во својата креација на ликот, актерски моќна и стамена. Трансоформациите на ликот го покажуваат актерскиот дијапазон на Ангеловска, дијапазон со океанска длабочина и небесна широчина! Таа манифестираше модерен актерски израз во контекст на актуелниот глобален општествен миг, рече Пешевска.
Наградата се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра.
Ангеловска синоќа не присуствуваше на соопштувањето на наградата и таа ќе и биде врачена дополнително.