Полицијата улови повеќе лица кои вршеле превоз на патници на диво
Советот на општина Василево ги донесе Програмите за наредната година
На својата редовна трета седница, одржана на 13.12.2021 годиина Советот на општина Василево едногласно, со консензус ги донесе Програмите за работа на општина Василево за наредната 2022 година.
По јавно искажаниот став од страна на координаторот на советничката група од СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина, Крсте Панев, дека советниците од оваа коалиција ќе гласаат за сите програми и на тој начин ќе го дадат својот придонес за развојот на општина Василево, поздравувајќи го ставот на оваа советничка група, образложение за програмите даде градоначалникот на општина Василево Славе Андонов.
-Проектите се во рамката дадена од Министерството за финансии и ние како општина не можеме да излеземе од таа рамка. Бидејќи општина Василево е презадолжена, преку 80. 000 000 денари, Министерствотпо за финансии ни дава 9. 000 000 денари за капитални инвестиции со цел да немаме непотребни задолжувања во наредната година со кои би се оптоварувал Буџетот. Ова е добра мерка за да можеме да се контролираме во трошењето и да можеме долговите направени од сите претходни власти да можеме да ги враќаме. Програмите ќе бидат реализирани според можностите. Тие се желба, визија која е добро да ја имаме а спроведувањето на Буџетот е реалност и неговата реализација ќе ја видиме според кварталните извештаи кои ќе ви бидат доставувани наредната година. Реализацијата ќе биде во согласност со приходите кои ќе ги прибираме. Нашите можности за прибирање приходи се ограничени, но ќе продолжам да се трудам исто како и во овој месец откако сум назначен во кој прибраните приходи се многу повисоки отколку приходите во последните неколку месеци прибрани од претходната власт. Се надевам дека заеднички ќе работиме и на седниците ќе разговараме за реализација на канализации, патишта, градинки и се што е капитално и е во интерес на сите без разлика на политичка партија. Такви се и предложените Програми, во интерес на сите граѓани, без фаворизирања по било која основа“, рече во своето образложениe градоначалникот Андонов.
На седницата разрешени беа и на нивно место именувани членови во Управниот и Надзорниот одбор на ЈПКД „Турија“, Василево. Управниот одбор на ЈПКД Турија го сочинуваат: Никола Делев, Емил Јованов, Ацо Атанасовски, Антоника Иванов и Синан Салиев, додека за членови на Надзорниот одбор се именувани: Тони Еркечев, Енис Демниров, Крсте Иванов, Данче Шејкарова и Бурхан Исинов. Потребното мнозинство не го добија Предлог-решенијата за именување на член на УО на ЈОУДГ „Прва радост“, Василево по предлог на Министерството за труд и социјална политика и по предлог на Советот на родители при оваа јавна установа.
Како дополнителна точка на оваа седница беше Предлог-Решението за разрешување и именување на членови на Управниот одбор на ЈОУДГ„Прва радост“, предложени од оснивачот. Предлогот Маја Глигорова, Маја Панева и Павлинка Николова да бидат разрешени а Игорчо Илиев, Славе Василев и Ване Цветков да бидат именувани, го доби потребното мнозинство.
На седницата донесени беа и Одлуката за утврдување на критериуми за распределба на блок дотацијата за основното образование 2022 година, Одлука за измена на распоредот на средства на Буџетот на општина Василево за 2021 година, која се однесува на средствата на единките корисници, односно Програмите Основно образование и Детски градинки, како и Одлука за Буџетски календар за 2022 година а која се однесува на определување на роковите, активностите и одговорноста во донесувањето на Буџетот на општина Василево за наредната година.