fbpx

Со 62 гласа Собранието ја избра владата на Димитар Ковачевски

 Со 62 гласа Собранието ја избра владата на Димитар Ковачевски

Собранието ја избра новата влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски. „За“ гласаа 62 пратеници, против новата влада се изјаснија 46 пратеници. Вкупно гласале 108 пратеници.

Ковачевски на крајот од расправата за избор на новата влада им се заблагодари на пратениците за поддршката, но и за критиките и рече дека верува оти опозицијата  ќе биде конструктивна во интерес на граѓаните.

„На утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетската криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа, на која ќе разговарам за забрзување на евроинтеграциите. Веќе во вторник, на мое огромно задоволство, ќе бидам домаќин на новиот бугарски Премиер, г-динот Петков, со кога сакаме да воспоставиме нова соработка, базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност. Веднаш потоа, продолжуваме со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Верувам дека ќе успееме да работиме и подобро и поефикасно. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам многу здравје, мир и спокојство во семејствата и ветување дека ќе направиме се да ја заслужиме и оправдаме нивната доверба и да обезбедиме подобар живот за сите.“

Новата Влада на Димитар Ковачевски брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Нов вицепремиер за европски прашања е Бојан Маричиќ, Славјанка Петровска ќе раководи со Министерството за одбрана, Никола Тупанчевски е министер за правда, Славица Грковска вицепремиерка проти корупција, Оливер Спасовски останува во МВР, Љупчо Николовски е во ресорот земјоделие,  Фатмир Битиќи останува вицепремиер за економски прашања, Јована Тренчевска министерка за труд и социјала, Благој  Бочварски во транспорт и врски, Бисера Костадиновска е новата министерка за култура и Горан Милевски од ЛДП во локална самоуправа.

ДУИ ги задржува ресорите освен рокадата на Јетон Шаќири од ресорот информатичко општество во ресорот образование. Артан Груби прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи во ресорот надворешни работи, Крешник Бектеши економија, Насер Нуредини во животна средина.

Алтернатива ќе раководи со ресорот здравство каде нов министер е Беким Сали, Адмирим Алити ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи министер без ресор задолжен за дијаспората.

Утре во 9 часот во Владата е закажано примопредавањето на функцијата премиер од Зоран Заев на Димитар Ковачевски.

Share via
Copy link