Лекар во Гевгелија нападнат од возач на Итна медицинска помош
Промотивен настан на Фондација „Елеуса“ од Струмица
До двесте семејства за неполни два месеца стигна помош од Фондацијата „Елеуса“ од Струмица. Толку време и официјално постои Фондацијата која има за цел да им помага на луѓето на кои им е најпотребна помош. Поведени од големиот број на апели за помош, но и заинтересираноста на граѓаните да помогна, Фондацијата, синоќа, организираше промотивен настан на кој беа поканети градоначалници, претставници на граѓански организации и бизнис секторот како можност за доближување на работата на Фондацијата.
– Реалноста е дека бројот на барањата за помош расте и од шесеттина семејства во првиот месец, веќе во вториот месец имаме преку 90 семејства на кои им е потребна нашата помош и на кои им помогнавме. Овој број секојдневно расте и од Струмица, Берово, Пехчево, Делчево, Дојран, Гевгелија – кои и до сега ги помагавме, барања пристигнуваат од сите градови и затоа се јавува потребата да растеме како хумана заедница, а тоа значи дека колку повеќе имаме поддршка од сите Вас толку повеќе и толку подобрио ќе можеме да работиме. Хуманоста е Божји дар, но да се биде хуман е избор, а ние избравме да бидеме хумани и ќе продолжиме да работиме со многу повеќе желба и радост оти радоста се множи кога се дели, рече Наташа Василевска Трајчевска, претставник на Фондацијата „Елеуса“.
На настанот присуствуваше и викарниот епископ Стобиски г.Јаков кој , како што рекоа од Фондацијата, од самиот почеток ја поддржува нивната работа заедно со целото свештенство на Струмичката православна епархија.
–Ја поздравувам иницијативата на луѓето од „Елеуса“ кои ни понудија живо сведоштво дека Бог е жив, дека Христос навистина воскресна, дека има надеж за овој свет, дека Бог го љуби светот, дека Бог живее во нас и дека ние го љубиме Бог и љубејќи го Бог ние се учиме да го љубиме ближниот. Бог да ни ја подари на сите таа животворна љубов и да ни даде сила да да твориме добро секој според своите сили. Сите ќе си заминеме одовде станувајќи слободни, зошто љубовта ни ја гарантира слободата, исто како и Бог, дали ќе помагаме во рамки на Фондацијата или ќе помага секој сам. Знам дека секој еден од Вас подал рака на човек што страда и помогнал, но верувајте од личен опит го знам, а тоа е перспективата на цртквата, дека посилни сме заедно, дека само во заедница можеме да постоиме и во заедница можеме да се научиме да љубиме. Тоа е црквата, како зеадница на личности љубовни кои што се учат да љубат и љубат, рече епископот г.Јаков.
На промотивно хуманитарниот настан беше промовиран документарен филм како сведоштво на досегашната работа на Фондацијата „Елеуса“ во кој преку слика и тон беше покажана потребата од помош на голем број граѓани.
Оние кои сакаат да учествуваат во оваа мисија парични средства може да донираат на жиро-сметка: 300030000262856