„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Почна изградбата на затворениот базен во Струмица
Денеска започна изградбата на затворениот базен во Струмица во спортско-рекреативниот дел на градот, кај пам патеката, во близина на АТШ Берово и е уште една потврда за успешната соработка на Општината со Агенцијата за млади и спорт.
Градоначалникот Костадин Костадинов и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска беа на увид на почетните градежни активности.
Според градоначалникот Костадинов, овој проект е баран од граѓаните и Струмица заслужува и треба да има затворен базен и еве дојде времето навистина да го има. Истовремено, тој значи и заокружување на уште едно големо предизборно ветување, Струмица да биде спортски град и тоа на половина од неговиот мандат.
-Овој затворен базен, прво значи нова содржина за сите категории на граѓани и за најмладите и за повозрасните. Второ, значи заокружување на сериозен комплекс, овде ни остануваат уште двете одбојкарски игралишта, едното бетонирано, другото на песок, со што заокружуваме еден отворен блок со можност за секакви спортски содржини во градот. Но, значи раздвижување и поместување на паркот, затоа што граѓаните природно кога движат низ најголемата зелена површина – градскиот парк, има многу убава конекција со пам патеката, со затворениот базен и новите одбојкарски игралишта коишто ќе се реализираат, а нормално значи и разубавување на комплексот Нова Струмица којшто ни е еден од најголемите генератори на приходи на Општината. Од Советот имаме зелено светло за максимално зголемување на зелените површини, тоа значи од постоечките 40 хектари, нови 85 хектари зелени површини во урбан опфат на Струмица. Тоа е и пораката до граѓаните на општина Струмица дека сме подготвени да се откажеме од можните идни приходи во интерес на здравата животна средина. Затворениот базен значи и заокружување на изборната програма со фундаменталното ветување, а тоа е трансформација на Струмица во спортски град, рече Костадинов.
Според директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, изградбата чини околу 50 милиони денари, а базенот се очекува да биде изграден во наредните 24 месеци.
-По отварањето на повеќе спортски објекти во овој дел на Струмица, со изградбата на базенот, така да речам, ставаме шлаг на тортата, од кој најмногу корист ќе имаат децата и учениците и сите останати кои сакаат да спортуваат и пливаат. Голема благодарност до Општина Струмица која подготви брзи решенија за градбата и се надевам дека овој ќе биде еден од најбрзо направените базени, рече Мојсовски.