„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
СМАРТ опрема во општина Дојран
Во рамките на проектот „Туризмот – иднината на регионот!“, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион набави СМАРТ опрема за општина Дојран.
Набавени и поставени се полнач за електрични автомобили, 20 Е – велосипеди со паметни брави и две градски информативни ЛЦД табли (информативни тотеми). Поставена е и безжична опрема за wireless хот спот интернет конекција на централниот дел од Стар Дојран.
Со поставувањето на полначот за електрични автомобили, Дојран како туристичка дестинација ќе биде достапна и за туристи кои користат електрични автомобили како превозно средство.
Информативните ЛЦД табли се поставени на две доста значајни локации и содржат корисни информации за тоа што се случува во Дојран, што е тоа што Дојран го нуди. 20 е-Велосипеди ќе се користат за организирани туристички тури со цел преку изнајмувањето и возењето на електричен велосипед да може да се доживее Дојран на еден нов и поинаков начин, каде освен возењето по пешачко – рекреативната патека долж езерото, мештаните и туристите ќе може да ги откријат и ридските убавини кои досега беа тешко достапни поради теренот, да се посети Фердинандова чешма и да се вози електричен велосипед по патеката од Првата светска војна.
Претходно во рамките на истиот овој проект беше обележана, порамнета и проширена ридската велосипедска патека на Фронтовата линија во должина до 16 км започнувајќи од Нов Дојран па се до езерото Паљурци.
Со СМАРТ опремата Дојран добива нови содржини и нова модерна слика за привлекување на поголем број на туристи, се доближува до модерните туристички локалитети и е во чекор со новото модерно време во креирање на Паметен град (SMART CITY).
Оваа активност е финансирана од Бирото за регионален развој преку Програмата за Рамномерен регионален развој 2022-2023, а се имплементира од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со општина Дојран.