„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Спасовски и Костадинов во посета на Општина Струмица и СОУ „Јане Сандански”-продолжува превентивната кампања „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“
Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамки на денешната посета на СВР Струмица, по повод реализирање на проектот „Отворен Кабинет” во СВР Струмица, оствари работна средба и со градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, по што заедно се упатија кон СОУ „Јане Сандански” со цел реализација на превентивната активност „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот”.
На средба со градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, беше разговарано за подобрувањето на сообраќајната инфраструктура во Струмица којашто е во тек, а со тоа и подобрување на безбедноста во сообраќајот. Министерот Спасовски беше информиран за набавка на нови модерни автобуси, а истовремено стана збор за воведување на велополиција на територија на Општина Струмица.
Воедно, беше изразено задоволството од присуството на полициските патроли низ градот, со што значително се зголемува безбедноста во градот, особено во близина на училиштата кои се под надлежност на Општина Струмица,
Спасовски и Костадинов го посетија и Младинскиот културен центар кој е во состав на општинската зграда, кој беше отворен пред неколку недели и кој ќе овозможи поголемо партиципативно учество на младите, ќе ја динамизира работата и функционирањето на општината во интерес на сите и каде што се реализирааат младински и културни настани и работилници.
Министерот Спасовски, на покана на директорката на СОУ „Јане Сандански”, Невенка Стојанова, заедно со градоначалникот Костадинов го посетија средното училиште каде што ја реализираа превентивната кампања на МВР „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот”. Притоа, Спасовски истакна:
„Односот што го градиме, како и посветеноста во превентивната работа со малолетната популација, со основците и средношколците беа и се на самиот врв на приоритетите на МВР. Министерството за внатрешни работи, веќе години наназад преку своите организациони единици од областа на превенцијата, а во соработка со другите стручни служби во доменот на недозволената трговија со дрога и психотропни супстанци е целосно ангажирана и отворена за соработка во квалитетната едукација и заштита на нашите деца од опасностите и пороците на зависностите од дроги”, рече министерот Спасовски.