fbpx

Отворена сензорна соба во Градинката „Виножито“

 Отворена сензорна соба во Градинката „Виножито“

Градоначалникот Костадин Костадинов заедно со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Џанг Ѕуо и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, денеска ја посетија новата градинка „Виножито“ во која беше отворена сензорна соба, донација од Амбасадата на Кина.

Градоначалникот Костадинов во изјавата за медиумите го потенцираше континуираниот влог на општина Струмица во подобрувањето на инклузивните процеси во училиштата и предучилишните установи.

-Навистина денеска е убав ден за Струмица имајќи ја во предвид силната соработка што како општина ја имаме со Министерството и Владата на Република Северна Македонија, но и добриот партнерски и пријателски однос којшто го имаме со Амбасадата на Народна Република Кина. Како Општина постојано вложуваме и труд и сериозни средства во однос на подобрување на инклузијата во училиштата и на децата од предучилишна возраст и генерално сеопфатна инклузија преку најразлични социјални услуги што ги даваме како Општина и секако тука не застануваме. Во конкретниот случај станува збор за донација на сензорна соба. Во општина Струмица веќе постојат три сензорни соби во основните училишта „Сандо Масев“ и „Видое Подгорец“ и навистина тоа ја пушта силната порака дека без разлика какви и да имаме разлики, како општина, општинска администрација или Совет, за нас сите се важни и битни. Во однос на социјалните услуги секако дека не застануваме тука, знаеме дека Струмица е првата општина во државата којашто има Шелтер центар за жени и деца жртви на семејно насилство, а во напредна фаза на реализација е и Куќата на пола пат која согласно динамиката и роковите коишто ги има изведувачот, очекуваме за три до четири месеци да бидат комплетирани и да ја надополниме палетата на социјални услуги за уште една.Упатувам огромна благодарност до Амбасадата на Народна Република Кина и секако придобивките коишто ги имаме преку соработката со Институтот Конфуциј, а која им овозможи на струмичките деца да учат кинески јазик. Таа соработка и партнерство ќе ја надополнуваме оти само на тој начин ќе го прошируваме и зајакнуваме пријателството меѓу нашите народи, рече Костадинов.

Share via
Copy link