„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Југоисточниот плански регион изработи опсежна техничка документација за поставување на брзи полначи за електрични возила
Со поддршка на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, Југоисточниот плански регион изработи опсежна техничка документација за поставување на полначи за електрични возила. Во рамките на техничката документација опфатени се 20 одделни проекти за општините Струмица, Радовиш, Василево, Конче, Гевгелија, Валандово, Дојран, Богданци, Босилово и Ново Село.
-Изработената техничка документација е за прв ваков сеопфатен проект во регионот и државата. Истата ќе послужи како основа за обезбедување на инвестиции за одржливи транспортни решенија на територијата на општините на Југоисточниот плански регион. Нашата следна цел е со координирани напори со општините и надлежните државни институции да ги обезбедиме неопходните средства за постепена изградба на е-полначите на предвидените места, изјави директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев.
Овој проект е еден од многуте што општините и центрите за развој на планските региони се во можност да ги обезбедат во рамките на Фондот за техничка документација, кој, како инструмент за финансиска и техничка поддршка во управувањето со инфраструктурните проекти е воспоставен како дел од проектот на УНДП „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ кој се спроведува во партнерство со Министерство за локална самоуправа преку финансирањето обезбедено од Шведска (Embassy of Sweden in Skopje) и Бирото за регионален развој.