„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Во организација на „Проагро фармери“ се одржа четвртиот „Агро саем Струмица 2024“
Денеска на плоштадот „Гоце Делчев“ Струмица се одржа четвртиот „Агро саем Струмица 2024“ во организација на Здружението „Проагро фармери“.
На манифестацијата беа изложени голем број земјоделски производи и земјоделска механизација на околу стотина штандови.
Според претседателот на Здружението „Проагро фармери“, Борче Јанев, целта на оваа манифестацијата е поддршка на домашното земјоделско производство,да се подигне свеста за домашно произведената храна и да се купуваат македонски производи.
-Ова не е само саем, туку е и вистински фестивал на вкусовите и традициите кадешто ќе ја почитуваме домашната храна и ќе ја поддржиме локалната економија, рече во своето обраќање Јанев.
Саемот за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-Прекрасна е оваа глетка која ни ја овозможува четвртиот саем за храна, пијалаци и технологија „Агро Саем Струмица 2024“. Вистински празник за очи и душа се изложените производи, од струмичките „чушки и френки“, ајварот и лутеницата, преку виното и ракијата, медот и маџунот, јаболковиот оцет, разните видови сирења, па се до слатко од разни овошја и природни сокови. Ете тоа е нашето богатство кое треба да го чуваме, негуваме и надградуваме. Ете тоа се плодовите од нашиот аграр кои успеваат под врелото македонско сонце, кои растат по плодните почви од нашите ниви. Ете тоа поминува низ вредните раце на производителите, благословени од Бога. Нека биде така и понатаму. Не смееме да дозволиме, земјоделството и другите производни гранки да бидат во залез, истакна Костадинов.
На саемот беа прогласени и најдобрите производители на мед и беше избран најдобар штанд, а беа прогласени и најдобрите жени фармери. Ова признание им припадна на Владанка Ристиќ од село Тимјаник, Неготино, Валентина Дукова, од Градско, Велес, Марија Стојанова од село Балдовци,Струмица и Весна Јаневска од Росоман, Кавадарци.
„Агро саем Струмица 2024“ се одржа со финансиска помош на градоначалникот и Општина Струмица и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.