Пожарникарите со дрон ќе откриваат пожари на отворено
Од страна на Општина Струмица во деновите што следат во координација со екипа од Територијалната Професионална Противпожарна Единица Струмица ќе се преземат мерки со тоа што во ноќните часови ќе се активира термалниот дрон кој е во состојба да детектира и најмал извор на топлина од голема далечина, соопштија денеска струмичките пожарникари.
-ТППЕ Струмица апелира до сите кои деновиве од најразлични причини ќе се движат на отворен простор да не палат огнови. Истото се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба, кои ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите, а огнот без контрола брзо се шири, особено кога времето е потопло и ветровито, се додава во соопштението на ТППЕ Струмица.
-Со затоплувањето на времето и во поширокиот Струмички регион ќе се интензивираат земјоделските активности на нивите.Предизвикувањето пожар, намерно или од човечко невнимание, претставува и кривично дело за кое се предвидени ригорозни законски санкции, парични и затворски казни до 10 години, зависно од крајните еколошки и други последици, стои во соопштението на пожарникарите.