Центарот за развој на Југоистокот го промовираше проектот „Зелено за добро“
Центарот за развој на Југоистокот го промовираше проектот „Зелено за добро“

Денеска во Хотел „Сириус“ во Струмица Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го промовираше проектот „Зелено за добро“ од Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција.
На промоцијата присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, како и градоначалници на општините од овој регион.

-Особено ми е драго што повторно за релативно краток период зборуваме за проект кој директно придонесува за заштита на животната средина — тема што е од исклучителна важност, особено во зимските месеци кога предизвиците со квалитетот на воздухот се најизразени. Проектот „Зелено за добро“ има за цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот преку чиста енергија и одржлива мобилност, промоција на обновливи извори на енергија и паметно управување со енергијата, развој на зелена урбана инфраструктура и зајакнување на прекуграничната соработка, истакна министерот Перински.
Јован Коцев, в.д. директор на Центарот за развој на Југоисточиот плански регион во своето обраќање меѓу другото рече:
-Од регионална перспектива значењето на „Зелено за добро“ не се мери само преку инфраструктурата што ќе се постави, туку преку знаењето, искуството и институционалниот капацитет што ќе го изградиме. Тоа е инвестиција во нашата подготвеност за следните развојни чекори. Денешниот настан потсетува дека проектите поддржани од ЕУ се заедничка одговорност и бараат професионалнот, транспаретност и партнерски пристап, рече Коцев.

Градоначалникот на Струмица и претседател на Советот на градоначалници на Југоисточниот плански регион, Петар Јанков, во истакна дека Струмица секогаш поддржува проекти за заштита на животната средина, намалување на загадувањето, зелени урбани средини и подобрување на мобилноста на граѓаните кои користат превозни средства што не испуштаат штетни гасови
Со проектот се планира да се постават повеќе полначи за електрични автомобили во регионот и Грција, набавка на електричен мини автобус за Грција, како и поставување на фотоволтаици на повеќе локации во двете земји.