ЗА САД РУДАРСТВОТО Е БЕЗБЕДНОСТ, А НЕ НЕШТО ЛОШО Америка сака повторно да биде лидер во производството на бакар

 ЗА САД РУДАРСТВОТО Е БЕЗБЕДНОСТ, А НЕ НЕШТО ЛОШО Америка сака повторно да биде лидер во производството на бакар

Close up of industrial worker holding mineral ore in gloved hands on mining site, copy space

Кина има 46 топилници за бакар, додека пак во САД има само две примарни топилници за бакар и еден центар за рециклирање. Ако се вратиме 60 години наназад, САД биле светски лидери во производството на бакар.

САД ќе се борат за домашното рударство – ваквата заложба ја соопшти помошничката секретар за енергетика Одри Робертсон, која додаде дека оваа индустрија носи безбедност и независност. Во интервју за „Вашингтон пост“, каде ја коментираше состојбата со поседот на критичните минерали, Робертсон порача дека Америка ќе се индустријализира, а рударството не е ништо лошо.

– Индустријата поврзана со металите и рударството исчезна во оваа земја, а ние сè досега не се боревме за неа. Сега се бориме силно, и тоа на секој фронт, преку секое министерство. Дел од таа борба е да му помогнеме на американскиот народ да разбере дека рударството не е нешто лошо. Рударството значи безбедност. Тоа е нашата иднина, а станува збор за наши природни ресурси кои му припаѓаат на американскиот народ – истакна Робертсон.

Таа потсети дека голем број од критичните минерали потекнуваат од Кина, но дека без разлика на тоа за која држава станува збор, зависноста од една единствена држава за некој критичен ресурс е неповолна. Одговорот, според неа, е во диверзификацијата на изворите и на процесите на преработка. Како пример, Робертсон посочи дека Кина има 46 топилници за бакар, додека пак во САД има само две примарни топилници за бакар и еден центар за рециклирање. Ако се вратиме 60 години наназад, тие биле светски лидери во производството на бакар.

Од друга страна, Македонија поседува бакар, но не го користи. Повеќе проекти за ископ на оваа критична суровина во минатото не беа реализирани. Единствен рудник кој функционира е „Бучим-Боров дол“, но веќе ги исцрпува капацитетите. Само една инвестиција има во Македонија за експлоатација на бакарот. Тоа е проектот „Иловица-Штука“, зад кој стои мултинационалната компанија Трафигура, која пак изминатиов период добиваше директна финансиска поддршка од американската администрација за проекти од областа на снабдувањето со критичните минерали во САД. Сепак, кај нас инвестицијата во проектот за ископ на бакар се одолговлекува со години. Ваквите примери се очекува да се надминат со усвојувањето на нови закони за рударство и геологија, со кои би се имплементирале европските стандарди и практики.

Европската Унија, усвојувајќи ја Директивата за критични суровини, го ограничи времетраењето за издавање на дозволи за рударски проекти за критични минерали. Ваков чекор направи и администрацијата на претседателот Доналд Трамп, па сега целосната процедура за започнување со рударство може да се заврши и до четири или пет години.

– Во случајот со рудниците… мислев дека ситуацијата е лоша во секторот за нафта и гас, каде што може да бидат потребни години за добивање дозволи за земјиште во сопственост на федералната влада. Во рударството, мислам дека во просек се потребни 18 години за да се добијат дозволи за еден рудник. Нашиот Совет за издавање дозволи врши извонредна работа во менувањето на таа состојба, бидејќи едно е јасно: Америка нема да прави компромиси со своите еколошки услови. Таа нема да прави компромиси ниту со вклученоста на заедницата, ниту со нашите стандарди. Но, тоа не значи дека треба да престанеме со изградбата. Тоа не значи дека треба да престанеме со издавањето дозволи, ниту пак дека треба да престанеме со рударството – потенцира Робертсон.

Таа додаде дека кога стапила на функцијата веќе постоел тим насочен кон идентификување на минералите што се од најголемо стратешко значење за националната и енергетската безбедност, како и за заживувањето на индустријата.

– Во Министерството за енергетика се фокусиравме на идентификување на празнините во синџирот на снабдување со суштински, критични минерали – оние за кои, доколку ни бидат ускратени, ние како држава и како народ би се соочиле со сериозни проблеми. Исто така, се обидовме темелно да ги разгледаме можностите за обезбедување на тие конкретни критични минерали, како и новите начини за нивно производство овде, во нашата земја – нагласи помошничката секретар за енергетика.

Според неа, претседателот Трамп е цврсто посветен на целта да ѝ помогне на Америка повторно да се индустријализира, за да не биде зависна од странски држави во современиот начин на живот.

(тексот е преземен од www.plusinfo.mk. Линк од објавата:ЗА САД РУДАРСТВОТО Е БЕЗБЕДНОСТ, А НЕ НЕШТО ЛОШО Америка сака повторно да биде лидер во производството на бакар – plusinfo.mk)

Share via
Copy link