„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Општина Василево набави нов камион за собирање отпад
-Како локална самоуправа цврсто стоиме на определбата за подобри услови за граѓаните во сите области, а еколошки здравото и чисто опкружување е предуслов за подобрување на квалитетот на животот и економскиот развој на општината. Токму поради тоа општината вложува во зајакнување на капацитетот на јавното комунално претпријатие, во чија сопственост ќе биде овој камион“, изјави градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев по примопредавањето на новиот камион за собирање комунален отпад што општина Василево го набави за потребите на ЈПКД „Турија“, Василево
-Камионот е со капацитет од 5,5 метри кубни и заедно со постојните две возила со иста намена, ќе го зголеми капацитетот на нашето комунално претпријатие. Со неговото ставање во употреба ќе обезбедиме поквалитетно и поефикасно извршување на услугата собирање отпад; ќе го зголемиме опфатот, количеството и редовноста во собирањето отпад со што ќе се намали бројот на диви депонии и загадувањето на животната средина, информираше градоначалникот Јанев.
Во моментот со собирањето на смет целосно се опфатени населените места: Василево, Ангелци, Градашорци, Сушево, Владевци и Пиперево а делумно Радичево и Дукатино како и правните лица од Нова Маала и Добрашинци, или околу 1.680 домаќинства и околу 130 правни лица.
Според информациите од в.д директор на ЈПКД „Турија“, Василево, Зоранчо Ѓеорѓиев, со ставањето во употреба на новиот камион, во најскоро време услугата „собирање смет“ ќе биде проширена и во населените места кои досега не беа опфатени во системот на организирано собирање, а таму каде што опфатеноста беше делумна, услугата ќе биде проширена на сите домаќинства.
Средствата за набавка на возилото во износ од 4 370 000 ден. општина Василево ги обезбеди преку кредит, во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги финасиран со заем од Светска Банка. Отплатата на истиот треба да заврши во 2022 година.