„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Шахпаска: Наскоро започнува изградба на нова детска градинка во Јосифово
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната посета на Општина Валандово, заедно со градоначалникот на општината, Перо Костадинов и Спасе Додевски, Kоординатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост на Владата на РСМ, ги посетија Дневниот Центар за деца за попреченост и Детската градинка „Калинка“ во оваа општина.
„Вложувањето во раниот детски развој претставува инвестиција во иднината на една држава. Валандово претставува една успешна приказна како треба да се одвива соработката помеѓу локалната самоуправа и централната власт,“ истакна министерката Шахпаска по посетата на детската градинка „Калинка“ која претставува еден современ, енергетски ефикасен објект изграден согласно европските и светски стандарди за згрижување на деца во предучилишна возраст.
Од страна на Министерството за труд и социјална политика беше изградена нова детска градинка во село Брајковци, која работи во склоп на детската градинка „Калинка“ и која е со капацитет за згрижување од 40 деца. А преку проектот за подобрување на социјалните услуги во најкраток рок треба да започне изградба на нов објект детска градинка во село Јосифово. Објектот треба да биде со капацитет за згрижување на 57 деца и истиот треба да биде изграден по сите светски стандарди за детска заштита и објект со високо ниво на енергетска ефикасност.
„Отворањето на градинки во рурални средини, во секое населено место, овозможува вклучување на децата во системот на предучилишно воспитание и образование, а од друга страна овозможува и нивните родители се вклучат на пазарот на трудот,“ истакна министерката Шахпаска.
Министерката Шахпаска по посетата на Дневниот центар за деца со посебни потреби кој моментално го посетуваат 12 дечиња на возраст од 5- 14 години истакна дека заложбите на Министерството и општината се во насока на обезбедување на поголем опфат на деца со посебни потреби уште од најраната возраст , но и после четиринаесетата година.
Градоначалникот на Општина Валандово , Перо Костадинов изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за труд и социјална политика, за што потврдуваат досегашните реализирани проекти од областа на социјалната и детска заштита.