„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Одбележена 17-годишнината од смртта на Борис Трајковски
Денеска пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот Борис Трајковски, беше одбележана 17-годишнината од неговата смрт.
Пред споменикот цвеќе положија членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани и делегација од Владата предоводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
За ликот и делото на Трајковски говореше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
-Денеска се поклонивме пред ликот и делото на вториот македонски претседател, нашиот сограѓанин Борис Трајковски, одбележувајќи 17 години од неговата прерана и трагична смрт.
Оваа наша Струмица низ своето долго постоење дала бројни познати и признати личности кои оставиле значаен печат со своето професионално делување, кои преку својата успешна кариера извршиле полна афирмација и популаризација на Струмица, не само во државни рамки, туку и пошироко низ светот. Афирмирајќи го својот град тие истовремено ја афирмирале и својата татковина, оставајќи зад себе дела за паметење.
Дефинитивно еден од нив кој вечно ќе се памети е претседателот Борис Трајковски, човекот кој и денес не собра пред Споменикот кој е подигнат во негова чест. За жал, поводот за овој собир беше одбележувањето на денот на неговото прерано заминување. Тоа го правиме секоја година на денешен ден, за да покажаме и докажаме дека големите луѓе никогаш не умираат, дека тие живеат вечно во спомените на оние кои ги почитуваат вистинските вредности.
Човечноста, искреноста и љубовта беа негови главни одлики. Тие доблести го правеа голем, онолку голем колку што беше голема неговата верба во Македонија. Таков го паметиме, таков и ќе остане во спомените на сите негови современици од земјава и целиот свет, рече Јаневски.