Општинарите и граѓаните даруваа крв по повод празникот Свети петнаесет
Европските проекти во Струмица – нова традиција со квалитетна инвестиција
Европскиот сон кој го сонуваат многу граѓани на нашата држава за влез во најголемото европско семејство можеби еден ден ќе стане реалност. Овој влез најмногу го посакуваат младите затоа што носи просперитет и бенефите од кои сега се лишени во однос на нивните врсници од државите – членки на Европската Унија. Патот до ЕУ за нас излезе многу долг и тежок, но велат дека надежта последна умира и ние се уште се надеваме и веруваме во европската иднина на нашата држава. Во меѓувреме, единствено што можеме да добиеме се благодетите од Европските фондови преку финансирање на проекти кои што значат поквалитетен живот за сите граѓани. Имаме среќа што живееме во Струмица – општина којашто меѓу првите го препозна значењето на европските фондови и е на врвот по искористеноста на средства од нив. Реализираните проекти одлично се вклопија во нашата Струмица – ѕвезда под небото, како совршена сложувалка и посакувана дестинација за живеење.
Но, сето тоа бара многу труд, знаење и време. Европската Унија не е магично стапче со кое проектите коишто ги посакуваме, може веднаш да ги претвори во реалност којашто ја посакуваме. Како држава и општина за кои се значајни европските инвестиции, мора сериозно да се потрудиме и да ги почитуваме европските критериуми и стандарди, да учиме, да се развиваме и напредуваме во секој поглед.
Општина Струмица се издвојува како една од водечките општини во државата, со над 17 години искуство во работа со европски фондови. Одделението за меѓународна соработка и европски фондови при Општина Струмица, формирано во 2014 година, игра клучна улога во управувањето и координацијата на овие процеси, со фокус на продлабочување на меѓународната и прекуграничната соработка на Општината и обезбедување финансиски средства од Европската Унија и други странски донатори.
Општина Струмица, во партнерство со општини, институции и организации од странство, успешно има спроведено 17 проекти финансирани преку различни програми на Европската Унија. Овие проекти ги опфаќаат сите сфери на општественото живеење, вклучувајќи: реновирање на детски градинки, изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фекални и атмосферски канализациони системи, изградба на пречистителна станица, уредување на паркови и зелени зони, реставрација на културно-историски споменици, уредување на спортски терени, изградба на пешачки патеки и изградба на велосипедски патеки во градот Струмица во вкупна вредност од над 10 милиони евра. Проектите финансирани од европските фондови имаат значително позитивно влијание на локалната заедница и младите во Општина Струмица. Исклучително важно е што со европски средства се имплементирани многу добри европски практики и поттикнати прогресивни иницијативи за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани. Изградбата и реконструкцијата на образовните институции, како што се училиштата и детските градинки, создадоа подобри услови за учење, зголемувајќи ја мотивацијата и успесите на учениците. Подобрувањето на инфраструктурата, доведе до повисок квалитет на живот. Уредувањето на спортските терени и изградбата на пешачки и велосипедски патеки ги поттикнуваат младите на физичка активност и здрави навики. Овие проекти не само што обезбедуваат конкретни подобрувања, туку и ја поддржуваат општата благосостојба на заедницата и интеграцијата на прогресивни европски практики. На настаните организирани во рамки на проектите финансирани од ЕУ свое учество имаат земено 1.326 учесници од Струмица, на овој начин учесниците се поврзуваат со колеги од другите земји, градови, разменуваат искуства, знаења, информации коешто позитивно влијае врз младите и предизвикува поттик и желба за вклучување и на други лица кон овие европски проекти.
За европските проекти посебно се слуша гласот на младите и кога би ги прашале како би ги опишале проектите, нивниот прв збор е „забава“, потоа искуство, волонтирање, соработка, дружење. Тоа се активности кои им се неопходни на младите, а чија цел е квалитетен живот. Овде би се поставило прашањето како квалитетот и забавата можат да бидат на исто рамниште, бидејќи овде не спречуваат балканските предрасуди кои велат дека без мака не се остварува добар, односно квалитетен живот, но Европската Унија ги руши предрасудите со своите современи сфаќања, нудејќи им на сите луѓе, не само на младите една нова водечка идеја како преку забава да постигнат квалитетен живот. Велиме не само младите туку сите луѓе без ограничености, тоа можеме да го докажеме со интересен факт кој тврди дека најмладиот учесник на проектите односно на настан кој бил организиран од соработката помеѓу Република Македонија и Бугарија имал само 4 години, зел свое учество во креативна работилница за изработка на цртежи на тема „Енергетска ефикасност“ во општина Ќустендил, Република Бугарија. Додека најстариот учесник којшто учествувал на настан организиран во рамки на проект од прекуграничната соработка со Република Бугарија имал 75 години, учествувал на настан за промоција на туристичката понуда на Ќустендил каде активно се вклучил во дискусијата и раскажал легенди и преданија кои го красат Ќустендил и неговото културно наследство.
Општина Струмица склучи партнерство со 4 општини од Република Бугарија и има спроведено 7 проекти финансирани преку Интеpper-ИПА Програмите за прекугранична соработка. Вредноста на овие проекти кои изнесува близу 3 милиони евра.
Во рамките на спроведувањето на проектите финансирани од Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, се организирани настани, работилници, форуми, обуки, панел дискусии, саеми и други јавни настани кои меѓу другото имаат и за цел воспоставување на соработка помеѓу различни целни групи од двете држави.
На овие настани свое учество од Струмица имаат земено 938 учесници како и учесници од Југозападниот регион на Република Бугарија.
Општина Струмица се претстави на Меѓународниот саем за туризам во Софија, Бугарија каде го промовираше брендот „Струмица-Ѕвезда под небото“ и ја стекна наградата за најдобар туристички бренд со интегриран туристички производ.
Во рамките на проектите се изградија рекреативни патеки и пристапни патеки до културно-историски и религиозните објекти во пределите на Југоисточниот регион на Република Северна Македонија како и во Југозападниот регион на Република Бугарија.
Се склучија и договори помеѓу општина Струмица со 4 компании од Република Бугарија за јавни набавки, како резултат на почитување и успешно исполнување на меѓусебните договори. Заради долгогодишното учество во исполнување на резултатите од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, општина Струмица успеа да воспостави партнерство со 4 општини и 3 институции од регионот на Југозападна Бугарија.
Најзначаен, а можеби и најпознат европски проект на територијата на општина Струмица е проектот наречен ,,Струмица-Паметен Вело Град“.
Овој проект не само што реши конкретен проблем во општина Струмица, туку исто така стана пример на добра практика и постигна значителен успех. Изградени се 6 километри велосипедски патеки, со дополнителни 6 километри кои се во фаза на изградба и 3 километри кои ќе отпочнат да се градат следната година. Најголемото постигнување е воведувањето на велосипедскиот сообраќај во градот, што постави нов стандард за идни проекти. Овие патеки се реализираат на различни типови улици и булевари, без разлика дали се пошироки или потесни, што претставува модел за иднината на урбаната мобилност во Струмица.
Овој проект нуди и подигнување на јавната свест за вело-културата и за зголемена употреба на велосипедот. Придобивката од проектот е стекнувањето на вело навики кои создаваат еколошки решенија. Со проектот „Струмица-Паметен Вело Град“ градот Струмица стана првата македонска општина која воведе нов сообраќај по примерот на светските трендови, а со тоа придонесе за почиста животна средина.
Како резултат на долгогодишното учество во исполнување на резултатите од Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, општина Струмица воспостави партнерство, успешна и плодна соработка со општина Кукуш, општина Серес, Регионот на Централна Македонија,како и институции и организации кои се под надлежност на Регионот, преку размена на искуства, добри практики, знаења и информации. Досега се спроведени 5 проекти финансирани преку Интеррег-ИПА Програмите за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција. се изврши конзервација, реставрација и делумна реконструкција на тврдинатa „Цареви Кули” во Струмица, се изгради пристапен пат до локалитетот Цареви Кули, идентификувани, мапирани и категоризирани се 25 пешачки патеки за алтернативен туризам на територијата на општина Струмица во вкупна должина од 112 километри.
Го прашавме раководителот на Одделението за меѓународна соработка и европски фондови во општина Струмица, дали постојат мерливи резултати и примери на конкретни подобрувања?
„Секој проект има свои уникатни индикатори кои го отсликуваат неговиот успех. Некои од резултатите се изразуваат преку квантитативни показатели, како што се бројот на изградени километри велосипедски, пешачки или пристапни патеки, површината на уреден простор, бројот на реконструирани објекти, намалувањето на потрошувачката на електрична енергија и слично. Од друга страна, резултатите поврзани со организирани обуки, настани, работилници, форуми и саеми се оценуваат квалитативно. На пример, мали настани овозможиле воспоставување на соработка меѓу различни целни групи од различни држави, што довело до размена на искуства, знаења и добри практики. Еден саем, организиран пред десетина години, резултираше со контакт помеѓу две компании, кој прерасна во успешна соработка со позитивни финансиски резултати за двата субјекти. Знаењето кое младите го стекнуваат преку учество во ваквите обуки е непроценливо. Проценката на постигнатите резултати се врши континуирано, како за време на имплементацијата на проектот, така и по неговото завршување“, одговори Ристевски.
Тој додаде дека Општина Струмица активно работи на обезбедување дополнителни фондови за идни проекти.
„Нашата стратегија вклучува проактивен пристап кон искористување на достапните фондови за поддршка на важни иницијативи и проекти. Во моментот, Општината спроведува проект за уредување на парк со зелена инфраструктура во населба Карпош. Овој проект вклучува хортикултурно уредување на површина од 10.063 m², засадување на автохтони и алохтони растенија, уредување на пешачки патеки, изградба на централна жардинерија од природен камен, и поставување на енергетски ефикасно осветлување. Дополнително, очекуваме да се одобрат финансиски средства за прекуграничен проект со Бугарија за изградба на велосипедски патеки во пери-градското подрачје на градот Струмица. Овој проект ќе ја прошири градската велосипедска мрежа кон најблиските населени места, со што ќе се подобри поврзаноста и безбедноста на велосипедистите. Општина Струмица продолжува да ги следи сите јавни повици на Европската Унија поврзани со финансирање на проекти. Активно се бараат можности за реализација на проекти кои се во согласност со стратешките цели и приоритети на Општината и кои имаат за цел подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани“.
Без сомнение заклучокот е дека општина Струмица успешно ги користи средствата од европските фондови. Проектите освен што ја зголемуваат активноста на младите, позитивно влијаат и врз целата локална заедница. Општина Струмица има одговорност пред граѓаните да обезбеди квалитетен животен стандард, а европските фондови и проекти се вистинската инвестиција која покажува извонредни резултати. Се надеваме дека и понатаму општина Струмица ќе одговара на сите јавни повици од Европската Унија и „нашата ѕвезда под небото“ ќе биде сјајна водилка особено во животот на младата популација.
Млади новинари: Филип Тодоров, Кристина Борисовска, Александар Делиовски и Марија Чолакова
Под менторство на Сузана Тасева во рамки на проектот “Информирана Локална Заедница: Медиумска Писменост и Етичко Известување според ЕУ стандарди”, кој е поддржан преку програмата за мали грантови на „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансирана од Европската Унија.