Градоначалниците на Струмица и Кочани потпишаа меморандум за соработка

 Градоначалниците на Струмица и Кочани потпишаа меморандум за соработка

Градоначалникот Костадин Костадинов од негово лично име од името на општина Струмица и нејзините граѓани му понуди институционална помош на в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски. Двајцата потпишаа Меморандум за соработка и ги дефинираа областите во коишто ќе биде пренесено искуството и знаењето од општина Струмица на општина Кочани.

-Цело време во нашите молитви беше Кочани, сега доаѓа време кога на Кочани му е потребна институционална поддршка, потребно е сите ние согласно нашите капацитети и можности да го споделиме искуството со Кочани и на мое задоволство и задоволство на цела Струмица денеска потпишавме Меморандум за соработка помеѓу Струмица и Кочани по што ќе следува и предлог до Советите на двете општини за меѓуопштинска соработка, но денеска се ставени контурите на таа соработка согласно потребите на општина Кочани. Имавме состаноци со Секторот за инспекциски служби на којшто раководителот елаборираше за плановите и динамиката во рамки на општина Струмица и можноста да асистираме и споделиме искуства и знаење со Секторот за инспекциски служби во Кочани. Тука беше и Секторот за урбанизам од којшто општина Кочани ќе има потреба од планери, архитекти и градежни инженери, а беше потенциран и проблемот со уличните кучиња којшто Струмица го имаше до пред неколку години, но го реши благодарение на преземањето на Стационарот „Лана“ со што станавме и прва општина во Македонија со сопствен стационар за згрижување на уличните кучиња и реално се решава проблемот со глутници по плошадот, ги имавме преку 500 кучиња низ улиците, сега имаме, но тие што ги имаме се водат како вдомени од станарите истите се кастрирани, прочистени и не претставуваат никаква закана по здравјето и животите на граѓаните. Тоа беа темите на коишто ставивме фокус, а го споделивме и моментот со наредбата издадена од моја страна од 21.03.2025 година за што веќе се водат постапки кон 24 правни лица најголем дел угостители, еве и јавно изразувам благодарност кон оние угостители коишто сами постапуваат и нема да има казни кон нив и нема да има пријава до државниот пазарен инспекторат, но за одредени угостителски објекти веќе е известен овој инспекторат и се спремаат решенијата за ништовност на одобренијата за користење на јавна површина, ги запазуваме законските рокови и се подготвуваме за рушење најкасно до средината на месец јуни. Од трагедијата во Кочани не може само да тажиме и жалиме, туку треба и да научиме нешто, изјави градоначалникот Костадинов.

Градоначалникот на Кочани Венко Крстевски се заблагодари за подадената рака до градоначалникот Костадин Костадинов, општина Струмица, струмичкиот народ и до сите луѓе во државата коишто и помогнаа на општина Кочани во овие тешки времиња.

-Меѓутоа, треба да бидете сведоци дека ситуацијата е таква што ни треба и институционална помош, помошта од граѓаните ја добиваме секојдневно, но нас ни фали и помош од институциите. Нашата општина во рамките на самата институција е сардисана во делот на инспекциски служби и подадената рака за градежни инспектори ја прифаќаме и сакаме истите позитивни пракси да ги примениме од општина Струмица и како што кажа градоначалникот на Струмица од оваа несреќа треба да извлечеме поука, а поуката е дека јавната површина е јавен интерес и нема да имаме никаква толеранција спрема угостителски објекти коишто го узурпираат јавниот интерес и се безбедносен проблем. Со потпишувањето на Меморандумот ќе имаме логистичка помош, ќе имаме насоки од страна на општина Струмица во делот на нивното позитивно искуство и се надевам дека истото ќе го примениме во Кочани и ќе успееме да постигнеме резултати коишто ќе бидат во интерес на народот. Би сакал да апелирам до сите државни институции и до сите други општини дека на Кочани му е потребна помош. Ние се соочивме со трагедија која не беше само трагедија за Кочани, тоа е трагедија за целата држава и се надевам дека и другите ќе ни понудат вакви иницијативи и Владата ќе ни излезе во пресрет за нашите потреби и барања и ќе успееме да го издигнеме Кочани кој се наоѓа во очајна состојба, изјави градоначалникот Крстевски.

Share via
Copy link