„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
И во новата година цврсто стоиме на бедемот на хуманоста-порачуваат од струмичкиот Црвен крст
Последните денови од „ковид годината“ во Општинската организација на Црвениот крст во Струмица врие како во кошница. Се одржа редовното годишно собрание на 29 декември, а во претпоследниот ден од годината активностите течат како на филмска лента: обуки, тековни активности, крводарителска акција, се доставува хуманитирна помош, во дворот се растоварува едно комбе со облека, се кројат планови за идната, 2021 година, но, и се сумира постигнато во годината која сите сакаат да ја заборават.
Како помина таа, но и што очекуваат и планираат во 2021 година, говорат претседателот на ОО Црвен крст Струмица, д-р Васил Тунев, секретарот, Маријана Тошева, првиот оперативец, Љубчо Јанков, но и Николинка Томова, Елена Орцева Бозова и Менче Златинова од Нега центарот, Ангела Ѓоргиева од Клубот на млади и Ивана Друбарова, соработник и демонстратор по прва помош.
д-р Васил Тунев, претседател на ОО на Црвен крст Струмица:
Најпрвин ги честитам новогодишните и божикните празници на сите граѓани во нашиот регион, а посебно на нашите членови и волонтери.
Работата во изминатата година на одржаното собрание ја оценивме како одлична и покрај пандемијата што не снајде одлично се снајдовме во овие тешки услови, но постигнавме и успеси на други полиња.
Покрај борбата против ковид-19, работиме на многу важни два проекти-едниот е поврзан со Австрискиот Црвен крст за нега на стари лица и лица со посебни потреби, кој ќе продолжи и во 2021 година. Работиме на уште еден многу важен проект „Персонални асистенти на лица со посебни потреби“ и тука сме во напредна фаза и оценките коишто ги добиваме се одлични.
Општинската организација на Црвен крст е отидена најдалеку во споредба со сите општински организации во Македонија. Добро работиме и на полето на прва помош за обука на лицата кои треба да полагаат возачки испит и прва помош во компаниите, но посебно би го истакнал придонесот на Црвен крст на Република Северна Македонија, бидејќи успееја да го донесат законот за Црвен крст и затоа изразувам голема благодарност и до Владата и до премиерот, кој даде личен придонес и ова ни даде мотив да работиме уште повеќе и уште подобро.
Сведоци сте за промената на состојбата на просториите на Црвениот крст. Кога почнаа да ни доаѓаат повеќе средства со иновативноста на секретарот на Црвен крст ја променивме целосно внатрешноста и затоа сум горд.
Во новата година, освен продолжување на проектите, планираме да ги прошириме просториите на нашата организација со изградба на магазин и да подигнеме уште еден кат во постоечката зграда, па да направиме хортикултурно уредување на дворот и да заличиме на една вистинска организација која влева доверба кај луѓето.
Во 2020 година добивме специјално признание на Општина Струмица за справување со ковид-19. Тоа многу ни значи, бидејќи ние први излеговме на терен да им помогнеме на граѓаните, како што беше случајот на самиот почеток кога на заразените само ние им носевме се што им е потребно.
Маријана Тошева, секретар на ОО Црвен крст Струмица:
Голем предизвик на почетокот на оваа година што истекува ни беше реновирањето на просториите за да можеме нормално да работиме и да примиме луѓе за работа. Иако не можевме се да реализираме како што беше планирано, но излеговме на терен со појавата на пандемијата од ковид-19 и во четирите општини во регинот ги покривавме активностите со мобилните тимови, а бевме многу присутни и со личната асистенција за поддршка на лицата со хендикеп, па дури успеавме да направиме обуки за нови лични асистенти и го зголемивме нивниот број. Целосно функционираше и услугата за помош во домот, бидејќи во услови на ковид-19 неопходно е потребно некој да им носи храна и други потреби на лицата коишто се сами дома и се изолирани.
Посветивме особено внимание на давањето на психо-социјалната поддршка и помош на повеќе категории граѓани.
На почетокот можеби имаше страв кај нас кога буквално требаше да се влезе во борба гради во гради со короната, но подоцна веќе сфативме дека тоа ни е работа. Во најтешкиот период, кога во карантин беа повеќе граѓани во хотел во Банско, само ние работевме на доставување на храна, лекарства и се што беше потребно.Таму имавме 240 поединечни побарувања за доставување на храна.Посебно добра соработка имавме со доктор Наќе Гогов и лекарката од првата помош, Марија Илиева. За неа до ден денешен се интересират граѓаните кои беа таму и постојано ја поздравуваат и прашуваат за неа.
Во 2021 година очекуваме да станеме регионален центар за обуки, бидејќи покажавме извонредни резултати и сме најголем давател на услуги во Македонија, општо за лична асистенција.Тоа се должи на политиките што ги реализирала општинската админстрација уште од времето кога сегашниот премиер, Зоран Заев, беше градоначалник. Оттука произлезе и потребата да се вклучиме со програма за грижа на старите и изнемоштени лица над 65 години со личната асистенција.
Во новата година основна мисија и визија ни е да останеме на бедемот на хуманоста, бидејќи ако други работат да остварат профит, нам ни е најважно да помогнеме секаде каде можеме и се држиме до тоа дека граѓаните најмногу му веруваат на Црвениот крст. И понатаму ќе го собираме вишокот на алишта, но ќе се организираме заедно со општината за сето тоа да се селектира и да можеме да ја доставиме таму каде што е потребна и во потребните количини.
Голема цел ни е со Центарот за обуки за да можеме да го покриеме целиот југоисточен регион за помош и нега на стари и изнемоштени лица и овој центар е финансиран од Австрискиот и Швајцарскиот црвен крст и од Австриската развојна агенција и да имаме 80 негуватели.
Продолжуваме со реализација на сите проекти кои се помогнати од УНДП и Светска банка, а остануваме и понатаму партнери на Агенцијата за вработување.
Во новата година Општинската организација на Црвен крст сакам граѓаните да ја препознаваат по младите кои се секојдневно присутни на терен, а дефинитивно во 2021 година ќе не препознаваат по негата и помош на стари и изнемоштени лица.
Љубчо Јанков, стручен соработник:
Еве се што е реализирано по одредени области, кратко и јасно.
Катастрофи:
-Остварена бесплатна услуга за набавка на храна, хигиена и лекови на 850 семејства (во изолација, стари и изнемоштени лица)
-Средства за дезинфекција – 420 литри (училишта и болници)
-Сетови за дезинфекција (пумпи) 40 броја (училишта и други)
-Заштитни скафандери – 580 броја(училишта и болници)
-Заштитни визири – 550 броја
-Заштитни очила – 800 броја
-Заштитни маски – 13.000 броја (донација 10.000, сопствена набавка 3.000 броја)
Акции за превенција на граѓани (волонтери на ООЦК, со СВР Струмица)
Волонтери, лични асистенти, корисници на услуги
фирми и институции
– Онколошка терапија – 150 интервенции (бесплатни достави)
– Ќебиња – 154 броја
Општа болница (34 за детско одделение, 50 за Ковид центар)
Дневен центар на НВО „ИЗБОР“ – 30 броја
Социјални случаи (семејства) – 40 броја
Социјално хуманитарна дејност
– Поделени пакети со храна 1700
– Поделени пакети со хигиена 900
– Поделена облека, постелнина и слично во тежина од 3.000 кг. на 200 семејства
Дисеминација – 2 предавања на млади на ООЦК и на лични асистенти.
Овие активности се реализирани со помош на 14 возрасни волонтери и 21 млади волонтери.
Елена Орцева Бозова, Стручен соработник за лична асистенција:
Во рамки на имплементација на Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост, а согласно стандардите за спроведување на услугата, беше спроведена редовна интерна евалуација од страна на тим за евалуација за периодот од јануари до октомври 2020 година.
Како алатка за прибирање на податоци за потребите за спроведување на евалуацијата беше користен прашалник ,изготвен од страна на Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија.
Прашалникот беше одговорен од страна на 46 корисници и 37 персонални асистенти (за жал во месец декември еден корисник почина). Поради настаната ситуација со пандемијата од вирусот Ковид-19 и почитување на дадените препораки, пополнувањето на евалуационите листови на корисниците се спроведе преку телефонски разговори, додека асистентите беа евалуирани на заеднички одржаниот состанок.
Во 2020 година се одржани 3 обуки за лични асистенти, од кои една беше со финансиска поддршка на АВРМ, една со поддршка од УНДП и една со самофинансирање. Вкупен број на обучени асистенти 40.
Годината ја завршивме со вкупно 38 лични асистенти кои ја даваат услугата на 45 корисници и 51 асистенција.
Менче Златинова, социјален работник:
Центар за нега на стари и немоќни лица во општините Ново Село и Василево е идеа која ќе се реализира како резултат на меѓуопштинска соработка на двете општини. Како мали општини и претежно рурални истите ги дефинираа проблемите со кои се соочуваат старите лица, како што се отсуството на постоење на установи за социјална заштита (старечки дом, дневни центри и сл), зголемување на старосната структура на населението, проблемот со миграција и иселување на младите, тешкиот пристап до формални и неформални услуги на социјална заштита бидејќи повеќето стари лица живеат во рурални подрачја кои се и значително оддалечени од урбаните подрачја (посебно тешкиот пристап и до основните продукти и лекарства).
Овие проблеми ја иницираа идејата за развивање на вонинституционална грижа за старите лица, односно помош во нивните домови. Со услугата помош и нега во домот се обезбедува помош во вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно, за лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, со цел да се оспособи корисникот за само-помош, односно да ја врати, стекне или одржи способноста самиот да се грижи за себе, за да продолжи да живее во сопствениот дом и да води независен живот во заедницата. Непосредни даватели на услугата помош и нега во домот се негувателите. Целна група се 60 стари лица со навршени 65 години живот и други лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, а живеат на териториите на двете општини.
Привремено, се планира да се обучат 14 негуватели за помош и нега во домот, односно вкупно 50 негуватели за 5 години кои понатаму ќе се обучуваат со сопствени средства кои Црвен крст Струмица ќе ги генерира преку активностите за самоодржливост.
Со испорака на услугата помош и нега во домот се очекува да се опслужат најмалку 60 корисници на годишно ниво со нега и да се остварат 26. 880 часа нега во домот.
Затоа, наменски ќе се отворат две инфо канцелариии за нега во општина Ново Село и Општина Василево од каде ќе се координираат сите теренски активности.
Николинка Томова, социјален работник во ООЦК Струмица –
-Црвениот крст од Струмица станува регионален тренинг центар за обука на негуватели на стари и изнемоштени лица. Проектот ќе се имплементира во соработка со австрискиот Црвен Крст и Австриската развојна агенција. Проектот ќе трае три години, а за тој период е планирано да се опфатат 160 лица од сите десет општини од југоисточниот плански регион, кои ќе добијат професионална обука за грижа на стари лица.
Обуката ќе се реализира според новата програма на министерството за образование на возрасни. Со ваквите обуки ќе може да овозможиме развој на сервиси кои што би ја давале таквата услуга на терен и кои ќе може да се регистрираат во центрите за социјални работи, меѓутоа нудиме и можност на лицата кои што сакаат да имаат свое занимање или сами професионално да се ангажираат да ја нудат услугата и така да заработуваат за својот живот.
Проектот има цел да воспостави модел кој е составен од три начелни столба од кој понатаму се очекува генерирање на приходи за грижа и услуги за постарата популација. Преку него освен што ќе бидат зајакнати капацитетите на Црвениот крст ќе се овозможи голем број лица да добијат дополнителни квалификации, а со тоа да станат и поконкурентни на пазарот на труд.
Ивана Друбарова, соработник и демонстратор по прва помош:
Како соработник во здравствено-превентивна дејност и демонстратор по Прва помош можам да речам дека организацијата на самите обуки оваа година ни беа на доста високо ниво. Иако обуките се одржуваа по протоколи за заштита во време на пандемија, вложивме максимален труд во предавањата се со цел на кандидатите за возачи да им се пружи повеќе знаење околу укажувањето на Првата помош. Тргнувајќи од фактот дека првата помош е витална иницијална интервенција која помага за намалување на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување, ние настојуваме првата помош да биде достапна за секого и барем едно лице во секое семејство да има можност да научи да укажува прва помош.
Во 2021 година, ќе започнеме со обуки кои ќе бидат модифицирани со начинот на предавање, со новитети и препораки, се со цел квалитетна едукација и вештини по прва помош за секој.
Од областа на крводарителството би можеле да се пофалиме дека имавме навистина успешни крводарителски акции и дека ниту пандемијата не ги спречи хуманите граѓани да даруваат крв.
Важно е да спомнеме дека во организација на крводарителските акции несебично ни помагаа нашите соработници, вработените од Институтот за трансфузиона медицина-Струмица.
Се надевам дека во новата година ќе мотивираме уште многу граѓани да даруваат крв и со тоа да придонесат во спасување на нечиј живот.
Ангела Ѓоргиева, Лидер на Клуб на млади при ОО ЦК Струмица:
Клубот на млади при ООЦК Струмица во текот на 2020год. спроведе многу активности од кои повеќето беа одржани преку оналјн платформа поради ситуацијата со пандемијата.
Под ова се подразбира одржување на работилници за превенција од „Трговија со луѓе”, „Сексуално преносливи инфекции” и „Болести на зависности”.
Покрај тоа во летниот период спроведовме акции кои влучуваа делење вода меѓу минувачите на градот, делење заштитни маски, флаери… Учествувавме во повеќе манифестации од кои најголем впечаток ни оставија „Струмица Опен Фестивал” и ФКТ „Ристо Шишков”.
Крајот на годината го одбележивме со делење на новогодишни пакетчиња на лицата со посебни потреби.
Се надевам дека во наредната година ќе имаме прилика да продолжиме со активностите но овој пат со физичко присуство, бидејќи секојдневно во просториите на нашата организација доаѓаат млади кои со голема заинтересираност сакат да станат дел од Клубот на млади.