fbpx

Изгаснат пожарот кај Едрениково

Денес во раните утрински часови екипите на ТППЕ Струмица успеаја да го изгаснат пожарот што вчера избувна во атарот на населеното место Едрениково и набрзо се прошири кон соседното Владевци и регионалниот пат Струмица-Радовиш, опожарувајќи го целиот простор. Гореше сувата трева и нискостеблестата шума што се најде на патот на огнените јазици.

Доцна синоќа преку својот фејзбук профил се огласи градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев кој цело време беше на терен заедно со екипите на ТППЕ Струмица, кои со часови се обидуваа да го стават под контрола пожарот, кој поради високите температури и сувата вегетација брзо се ширеше.

Меѓу другото  градоначалникот Јанев порача дека ќе инсистира на целосно расчистување на случајот и соодветни санкции.

„Штетите од несовесното однесување на поединци ќе ги трпиме сите. Јавната осуда за овој чин не е доволна и затоа ќе инсистирам на целосно расчистување на случајот и соодветна казна за сторителите. Апелирам до сите да се однесуваат крајно одговорно, бидејќи последиците можат да бидат несогледливи не само по имотите на граѓаните туку да бидат загрозени и човечки животи, нешто што никој од нас не сака да се случи“, објави на својот ФБ профил градоначалникот Јанев.

Инаку, според првичните проценки од пожарот е зафатена површина од над 250 хектари претежно со сува трева и ниско стеблеста шума.

Share via
Copy link