Кoста Костадинов: За три години ја извадивме државата од финансиски пустош
Прес конференција на Костадин Костадинов, портпарол и кандидат за пратеник од СДСМ.
СДСМ успеа за неполни три години да ја извади државата од финансискиот пустош во којшто беше оставена. Ја кренавме економијата во време кога се обезбедуваше слободата во општеството и кога се решаваа клучните стратешки прашања за државата. Кревавме економија додека градевме систем и додека решававме горливи генерациски прашања.
Креваме економија и во услови на глобална пандемија. Се одлучивме за брза трансформација и зголемување на конкурентноста на македонската економија, која обезбедува повеќе инвестиции, нови работни места и повисоки плати.
Новата македонска развојна економија нуди минимална плата од 20.000, просечна од 34.000 денари, 2,2 милијарди евра јавни инвестиции до 2024 година и 1,2 милијарди евра директни приватни инвестиции.
Странски инвестиции од најмалку една милијарда евра за 4 години, засновани на иновации, висок степен на финализација на производи и услуги и одржливост на бизнисите.
Поддршка за домашни и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра: 300 милиони од домашни средства и дополнителни 300 милиони евра од европските фондови што се отвораат.
Продолжуваме да ги штитиме работните места, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот ќе продолжиме да ја намалуваме невработеноста на ниво од 3% годишно. Нашата цел по крајот на кризата, ќе биде едноцифрена стапка на невработеност.
Можеме и знаеме да направиме уште повеќе и уште подобро за сите граѓани и за иднината на нашата држава.
Ќе одиме напред или ќе се враќаме назад, одлучува вашиот глас на 15 јули.