fbpx

Костадинов најави изградба на нов ученички дом во СОУ „Димитар Влахов“

 Костадинов најави изградба на нов ученички дом во СОУ „Димитар Влахов“

Интегрален текст од прес конференцијата на Костадин Костадинов, кандидат за градоначалник на Струмица од СДСМ

Општина Струмица континуирано ги поддржува и стимулира можностите за поголем развој на своите ученици. Во оваа насока, во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која ја реализира Владата на Република Северна Македонија, во поголем дел од струките кои ги нудат средните училишта „Димитар Влахов“ и „Никола Карев“ во Струмица, лани за прв пат се воведе концептот на дуално образование. Со овој концепт е обезбедена повеќе практична обука наместо изучување теорија, а истиот беше дополнително поддржан од Министерството за Образование и Наука со доделување на стипендии од 3.500 денари месечно за секој ученик. Дури 150 ученици се запишаа во прва година во некоја од 6‐те дуални паралелки кои се отворија во двете средни училишта. Со три паралелки во СОУ „Димитар Влахов“ ‐ за угостителско туристичка струка, за хемиско‐технолошка струка и за земјоделската струка, и две во СОУ „Никола Карев“, за образовните профили техничар за производно машинство, ракувач со машини за пренос на материјали и тесар, армирач и бетонирач, започна реализацијата на дуалното образование во Струмица.

Општина Струмица, со фокус и кон локалниот економски развој, го поддржува дуалното образование чија цел е во средните стручни училишта да се отвораат образовни профили во консултација со бизнис секторот. Дополнително, како Општина која почитува и поддржува реформи кои водат кон прогрес, особено на младите генерации, Општината го поттикнува интересот на осмооделенците од Регионот за продолжување на средното образование во стручните средни училишта на нејзина територија, нудејќи решение за нивното сместување.

Во оваа насока, во дворот на земјоделското училиштето СОУ “Димитар Влахов” од Струмица и врз основа на потребите на истото, планирано да биде сместен нов ученички дом. Со реализација на ученичкиот дом се подигнува основната инфраструктура за спроведување на дуалното образование. Со овој потег се олеснува пристапот до училиштето и компаниите кои ја спроведуваат праксата на учениците кои имаат интерес да ја следат дуалната програма, а доаѓаат од пооддалечени места. Во приземјето на ново предвидената градба планирано е да биде сместена кујна со сите потребни елементи во која би се спремала храна за корисниците на ученичкиот дом, гардероба и санитарни јазли за вработените во истата и ресторантски дел, согласно нормативи. Исто во приземјето се предвидува и училишна библиотека кој би ја користеле корисниците на домот и другите ученици во средното училиште.

Во ученичкиот дом е предвидено да бидат сместени 92 ученици, односно истиот се предвидува да поседува 92 легла, распоредени во 24 соби со по 4 ученици, а планирани се и 2 соби за ученици со посебни потреби. Според бројот на ученици, исто така е планирано да има две соби за воспитувачи, две соби за изолација и една соба за медицинско лице. Покрај тоа, има предвидено и доволен број на простории за управата, односно административни простории. Во секоја соба има предвидена бања со целокупната потребна санитарија. На секој кат се предвидува и читална која учениците би ја користеле за завршување на секојдневните обврски поврзани со училишните задачи.

За дополнителен развој и унапредување на воспитно‐образовниот сегмент во Општината, предвидена е и реализација на активности кои се во доменот на грижата за најмалите. Оттука, посебно внимание се посветува на континуираното подобрување на условите за прием на деца од предшколска возраст, како и за условите во досегашните, постоечки објекти на градинките, преку уредување на нивните дворни површини и внесување на нови содржини во истите. Како дел од досега реализираните активности, завршена е реконструкцијата на Клон 2, лоцирана во големиот Градски Парк, со цел овозможување на престој за над 60 деца, а во рамкина новата населба кај Касарната во завршна фаза е изградбата на градинка со капацитет за 310 деца. Со цел зголемување на енергетската ефикасност, во дел од градинките извршена е промена на постоечките врати и прозорци со што се задржува топлината и се намалува потрошувачката на енергија.

Имајќи ја предвид динамиката за развој на населените места и зголемувањето на потребата од ваков тип на воспитно образовни капацитети во населените места во општина Струмица, соодветно, со донесувањето на Деталните Урбанистички Планови, за населените места Просениково, Дабиле и Банско се предвидуваат и градинки преку пренамена на постоечки капацитети или покренување на нови. Во однос на постоечките расположливи капацитети на територија на Општина Струмица, предвидено е нивна соодветна реконструкција и модернизација, како и соодветно уредување и опремување со реквизити на дворовите во рамки на градинките. А како една од мерките со цел еднаков, праведен третман на различни категории граѓани, со цел олеснување на самохраните родители, престојот во градинка на нивните деца ќе биде бесплатен.

Share via
Copy link