fbpx

Лица со попреченост од четири дневни центри учат занаети и параолимписка дисциплина

 Лица со попреченост од четири дневни центри учат занаети и параолимписка дисциплина

Во рамките на проектот „Создавање на услови за поголема социјална инклузија на лицата со посебни потреби во Југоисточниот плански регион“ финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската Агенција за развој и соработка се одржа серија на обуки за работно оспособување и за учење на правилата за спортската параолимписка дисциплина „Бочија“ во четири Дневни Центри за лица со попреченост во Југоисточниот плански регион.

Учесници на обуките беа вработени и волонтери, корисници и родители на корисниците во Дневните центри кои преку теоретски и практичен дел се запознаа со правилата на играње на параолимписката спортска дисциплина „Бочија“, техники за печатење врз текстил со помош на сито печат, изработка на рачни украси со разновидни мотиви со помош на грничарско колце и силиконски модли.

Имено во рамки на проектот, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Дневните Центри за лица со попреченост во Валандово, Гевгелија, Радовиш и Струмица се опремени со реквизити и опрема за работна окупација, психомоторен развој и достапност.

Грничарско колце, разбој за ткаење, опрема за спортот Бочија, сито печат за печатење на најразчични теми врз ткаенина и хартија, транспортер за инвалидски колички, трицикли, интерактивни уреди, сунгерасти реквизити и најразлични репроматеријали за изработка на магнетни и глинени украси се само дел од опремата која ги збогатува постоечката образовна програма која ја добиваат корисниците, додека пак со доставените транспортери за пренесување на инвалидски колички во иднина ќе се овозможи непречено учество на овие лица на најразлични настани кои се одвиваат во затворени објекти кои немаат соодветен пристап за лица со телесна попреченост.

Станува збор за проект кој дава придонес во областа на подигање на свеста за вклучување на лицата со различни попречености во општествениот и социјалниот живот во регионот како и подобрување на секојдневниот престој во Дневните Центри.

Набавената опрема и стекнатите знаења ќе овозможат долгорочни промени во начинот на работење со лицата со различни попречености во однос на работно оспособување, зголемување на вклученоста на пазарот на трудот и социјална вклученост на регионално ниво.

Share via
Copy link